Експлозии во Одеса, само еден ден откако Киев и Москва се договорија за извоз на жито

од Nikola Popovski

Клучното украинско пристаниште денеска го потресле експлозии, само еден ден откако Киев и Москва постигнаа договор за обновување на извозот на жито.

Две ракети го погодија пристанишниот град Одеса во раните утрински часови во саботата, соопшти украинската војска.

Според условите на договорот од петокот, Русија вети дека нема да ги таргетира пристаништата додека испораките со жито се во транзит, пренесува Би-Би-Си.

Во објава на социјалните мрежи, јужниот команден центар на украинската војска соопшти дека две ракети „Калибр“ го погодиле пристаништето, додека уште две биле соборени од системи за противвоздушна одбрана.

Локалниот пратеник Алексеј Хончаренко напиша на Телеграм дека пристаништето во градот се запалило по нападот.

„Овој ѓубре со едната рака потпишува договори, а со другата насочува ракети“, напиша Хончаренко. „Значи, ни требаат авиони и треба да ја потонеме целата Црноморска флота на Руската Федерација. Ова ќе биде најдобриот аранжман за извозот на жито“.

Нејасно е дали има жртви или поголема материјална штета, а нема независна потврда за оваа информација.

Во петокот, официјални лица од Киев и Москва потпишаа договор со кој се дозволува извоз на милиони тони жито заробени во Украина.

Договорот, за кој требаше два месеци за да се постигне, се очекува да трае 120 дена, а во Истанбул ќе биде формиран центар за координација и мониторинг, со персонал од ОН, Турција, Русија и Украина. Може да се обнови доколку двете страни се согласат.

Андриј Јермак, шефот на кабинетот на претседателот Владимир Зеленски, го осуди нападот и ја обвини Русија дека „систематски создава криза со храна“.

Слични содржини