ЕМА: Бустер доза за општата популација е следен чекор

од Nikola Popovski

Европската агенција за лекови (ЕМА) ја повтори својата препорака да се даде бустер доза од вакцините Фајзер или Модерна на лица постари од 18 години.

„Повеќето земји-членки на ЕУ почнаа да даваат бустер дози прво на ранливите групи, а префрлањето на бустер доза кај општата популација е веројатно следниот чекор во заштитата на јавното здравје“, вели д-р Марко Кавалери во име на ЕМА.

ЕМА наведува дека бустер дозата може да се даде на возрасни најмалку шест месеци по целосната вакцинација со Фајзер, или шест до осум месеци по втората доза на Модерна.

„Третата доза од Модерна примена 6 до 8 месеци по втората доза доведува до зголемување на бројот на антитела. Студиите не покажаа безбедносни ризици, а антителата добиени од бустер дозата покажуваат подобри резултати во неутрализирање на делта варијантата во споредба со нивото пред да ја примите бустер дозата“, вели Кавалери.

Тој додава дека слично мислење било дадено и порано за бустер дозата на Фајзер и вели дека тие мислења го отвориле патот за давање на бустер доза на возрасните, вклучително и оние кои се изложени на поголем ризик да добијат Ковид-19.

ЕМА наведува дека во моментов нема особена загриженост кога се користи засилена доза покрај веќе познатите несакани ефекти од примарната вакцинација.

„Појавата на миокардитис и перикардитис при бустер дози внимателно се следи и засега нема информации дали нивната појава е со сличен интензитет како при примарната вакцинација“, заклучуваат од ЕМА.

Слични содржини