ЕП го донесе Европскиот закон за слобода на медиумите, останува загриженоста за прислушувањето

„Како што е поставен во моментот, законот ефективно ја легализира употребата на шпионски софтвер против новинари, смета европратеничката од левицата, Клер Дали.

од Бети Божиноска

Европскиот парламент денеска со огромно мнозинство го одобри Законот за слободата на медиумите, прва легислативна мерка на европско ниво чија цел е заштита на новинарите и на медиумската слобода, иако останува загрижениоста за употребата на шпионска опрема за мониторирање на медиумите, пренесува „Еурактив“.

Законот чија цел, меѓу другото е борбата против мешањето во уредувачката политика и зголемувањето на транспарентноста за сопственоста на медиумите, беше изгласан со 464 гласа „за“, 92 „против“ и 65 воздржани.

Известувачот на Комитетот за граѓански слободи, Рамона Стругариу, истакна дека новинарите сега имаат „сет од алатки“ што треба да ги заштитат и да им помогнат да се соочат со предизвиците, мешањето и со притисокот што често доаѓаат во рамките на работата.

„Оваа регулатива е одговор на Орбан, Фицо, Јанша, Путин и на сите оние кои сакаат да ги трансформираат медиумите во свои пропагандни алатки или да шират лажни вести и да ги дестабилизираат нашите демократии“, нагласи Стругариу.

Според новиот закон, земјите-членки мора да ја зајакнат заштитата на независноста на медиумите, работата на новинарите, уредувачката независност и транспарентноста на сопственоста.

Тој, исто така, ја регулира распределбата на државното рекламирање и ги спречува онлајн платформите како X и Facebook произволно да ги бришат или ограничуваат медиумските содржини.

За да се заштитат новинарите и нивната работа, на властите ќе им биде забрането да им наредуваат да откриваат извори, вклучително и преку притвор, санкции, претрес на простории или употреба на софтвер за надзор на уредите.

Земјите од ЕУ се обврзани да ја гарантираат уредувачката и функционалната независност на јавните медиуми, особено преку „одржливо и предвидливо финансирање“, а уредувачката независност на медиумите треба да се обезбеди со забраната за отпуштање новинари пред истекот на договорот, освен ако не ги исполнуваат професионални критериуми.

Организациите за слобода на медиумите го поздравија усвојувањето на законот, повикувајќи ги националните влади ефективно да ги спроведат неговите мерки. Сепак, не сите се убедени дека одредбите од текстот одат доволно далеку, особено во однос на употребата на шпионски софтвер за следење на работата на новинарите.

Законот предвидува шпионскиот софтвер да може да се дозволи „во поединечни случаи и ќе биде предмет на одобрување од страна на правна власт што истражува сериозни кривични дела казниви со затворска казна“. Во случаи кога надзорот е овластен, субјектите имаат право да бидат информирани откако тој ќе се случи и ќе го задржат правото да го оспорат на суд.

Еден ден пред гласањето, европратеничката од левицата, Клер Дали, алармираше за одредбите поврзани со употребата на шпионски софтвер против новинари.

„Како што е поставен во моментот, законот ефективно ја легализира употребата на шпионски софтвер против новинари“, тврдеше таа, посочувајќи дека дека останува исклучокот во случаите на националната безбедност, но дека е преформулиран.

Ова неизбежно ќе значи дека идните правила за шпионски софтвер на ниво на ЕУ ќе ја дозволуваат негова употреба на обичните граѓани, само со помалку заштитни мерки, продолжи Дали, опишувајќи го законодавството како „крајно несоодветно“.

За да се избегне злоупоупотребата на јавните медиуми за политички цели, нивните директори и членовите на одборите треба да се избираат преку транспарентни и непристрасни процеси на доволно долги рокови.

Во однос на сопственоста, сите медиуми треба да објават информации за тоа кој ги поседува за да ѝ се овозможи на јавноста да знае кој ги контролира медиумите и кои интереси можат да влијаат на известувањето. Информациите за нивните сопственици треба да се вклучат во националната база на податоци, вклучително и за тоа дали директно или индиректно ѝ припаѓаат на државата.

 

 

 

Слични содржини