Ескобар во Косово: „Дијалогот дава можност за траен мир меѓу двете земји“

од Stefanija Kuzmanovska

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на 17 март на прес-конференција, по средбата со косовската претседателка, Вјоса Османи, рече дека очекува позитивен исход од разговорите во Охрид.

Тој повтори дека САД ја поддржуваат секоја можност која ги води земјите од регионот кон мир и евроатланска интеграција.

„Сметаме дека овој европски предлог (за нормализација на односите меѓу Косово и Србија), преку дијалог со посредство на ЕУ, дава исклучителна можност за траен мир меѓу двете земји“, рече тој.

Од друга страна, претседателката Вјоса Османи изјави дека Косово оди во Охрид со став дека европскиот предлог е „фер, стабилен и сеопфатен договор во кој нè третираат како две рамноправни земји“.

Таа, исто така, рече дека предлогот е единствениот начин да се обезбеди долгорочен мир, стабилност и просперитет во регионот.

„Моите очекувања како претседателка на Косово се дека договорот ќе донесе конкретни опипливи резултати за Косово. Така, тој ќе обезбеди интеграција на Косово во евроатлантските институции, ќе обезбеди сеопфатна интеграција на српската заедница во институциите на Републиката. Тоа ќе резултира со ефективно распуштање на сите нелегални структури на Србија (на Косово)“, рече Османи.

Таа изрази уверување дека европскиот предлог содржи важни принципи на меѓународното право и меѓународните односи, „кои ќе го отворат патот за меѓусебно признавање“.

Овие средби на американскиот пратеник со лидерите на Косово доаѓаат во пресрет на средбата во Охрид, Северна Македонија на 18 март, каде Курти со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ќе разговара за спроведувањето на европскиот предлог за нормализација на односите меѓу двете страни.

Ескобар на средбата во Охрид ќе присуствува како набљудувач.

Слични содржини