ЕУ: Бугарија и Романија најмногу заостануваат во вакцинацијата

од Nikola Popovski

Неразделната балканска двојка Бугарија и Романија заостануваат зад своите европски колеги во процесот на вакцинација против Ковид-19, објавија бугарските медиуми.

Само 17% од Бугарите и 30% од Романците се имунизирани против смртоносниот вирус, покажуваат најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести оваа недела. За споредба, во нашиот јужен сосед Грција, бројот на имунизирани е 54,5%.

И во неколку други земји, имунизацијата се одвива релативно слабо, како што се Словенија, Хрватска, Словачка и Летонија, каде што бројот на вакцинирани не надминува половина од населението.

Во поглед на тој податок, најдобри се Бенелукс и скандинавските земји. Во Белгија и Холандија вакцинирани се 78% и 73,3%, соодветно, а во Финска и Данска 73% и 70,5%. Така, овие четири земји се најблиску до целта поставена од Брисел: 70% од возрасната популација да биде вакцинирана до јули.

Во четирите најголеми економии на ЕУ – Германија, Франција, Италија и Шпанија – бројот на вакцинирани е меѓу 63-65%.

Од вкупно 450 милиони граѓани на обединета Европа, 225 милиони ја примиле првата доза, или околу 61,5% од возрасната популација. 147 милиони ја примиле втората доза на вакцината, т.е. тие се целосно заштитени од коронавирусот. Како процент, ова претставува 40,2% од возрасната популација.

Заклучокот е дека во ЕУ сè уште има големи разлики во вакцинацијата помеѓу земјите.

Слични содржини