ЕУ даде „зелено светло“ за финансиска помош за С. Македонија

од Nikola Popovski

Земјите-членки на Европската унија конечно дадоа „зелено светло“ за приближно 14,2 милијарди евра претпристапна финансиска помош (ИПА III) за периодот 2021-27 година, која е наменета за реформските процеси во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија, Србија и Турција.

„Корисниците ќе бидат поддржани во спроведувањето на неопходните политички, институционални, правни, административни, социјални и економски реформи за да се усогласат со вредностите на Унијата и постепено да се прилагодат на правилата, стандардите, политиките и практиките на Унијата“, соопштено е од Советот на ЕУ.

Советот нагласува дека посебно внимание ќе се посвети на напорите поврзани со основните реформски области (владеење на правото и основните права, демократските институции и реформата на јавната администрација, како и економскиот развој и конкурентноста), пренесува Танјуг.

Во исто време, се нагласува дека принципот на „фер удел“ ќе се применува за да се осигура дека обемот и интензитетот на финансирањето ги зема предвид не само перформансите на корисниците, туку и нивните реални потреби и капацитети.

Исто така, се предвидува дека обемот на помошта може да се промени во случај на „значителна регресија или постојан недостаток на напредок на корисниците во основните реформски области“.

Овој пакет за поддршка, кој веќе се применува ретроактивно од 1 јануари 2021 година, за првпат ќе биде поделен според тематски приоритети, а не според индивидуалните потреби на земјите, објавија во Брисел.

Слични содржини