ЕУ го менува планот за ембарго на руската нафта

од Stefanija Kuzmanovska

Европската комисија предложи промени во планираното ембарго на руската нафта, во обид да ги придобие земјите кои рекоа дека не можат да го поддржат предлогот, пренесува „Ројтерс“, повикувајќи се на три неименувани извори од Европската унија.

Изменетиот предлог се однесува на доделување повеќе време на Унгарија, Словачка, Чешка и Бугарија да се прилагодат на ембаргото, велат извори на „Ројтерс“.

Промените вклучуваат продолжување на периодот на транзиција кон транспортните услуги на ЕУ на три месеци пред да стапи на сила забраната за транспорт на руска нафта, наместо првично предложениот рок од еден месец, изјави еден од анонимните извори.

Според изменетиот предлог, Унгарија и Словачка ќе можат да купуваат руска нафта, која ќе биде испорачана до нафтоводите до крајот на 2024 година, додека Чешка би можела да продолжи со купувањето до јуни 2024 година, доколку не добие нафта преку јужна Европа.

Да потсетиме, откако ЕК го презентираше планот за ембарго, Словачка побара изземање за да може да се подготви за прекин на увозот на руски енергенси, додека Унгарија од почетокот беше против воведувањето на ембаргото.

Набргу потоа, Бугарија и Чешката Република го наведоа истиот преседан, велејќи дека нивните економии во голема мера зависат од увозот од Русија.

Слични содржини