ЕУ ја исклучува соработката со воената хунта во Нигер

од Stefanija Kuzmanovska

Европската унија (ЕУ) денеска ја отфрли можноста за признавање на воената хунта во Нигер или продолжување на соработката.

Питер Стано, главниот портпарол на дипломатската служба на ЕУ, рече дека ЕУ не го признава воениот удар и ќе постапи во согласност со таа позиција кога станува збор за сите програми и соработка, вклучително и за управувањето со миграцијата.

Тој додаде дека пучот во западноафриканската земја „создава огромни проблеми и огромни ризици во многу аспекти“, како што се безбедносните предизвици и управувањето со миграцијата.

Стано рече дека ЕУ поддржува силни акции и одлуки донесени од Економската заедница на западноафриканските држави со цел да се најде решение и да се врати на власт демократски избраниот шеф на државата во Нигер.

Воената хунта синоќа го назначи привремениот премиер на Нигер според декретот прочитан на националната телевизија, повеќе од една недела по воениот удар со кој беше соборен претседателот на африканската земја, Мохамед Базум.

Привремената влада, која себеси се нарекува Национален совет за заштита на Нигер, ќе биде предводена од економистот Али Махаман Ламине Зеине.

Економската заедница на западноафриканските држави ќе одржи уште еден итен самит во четврток во Нигерија за да се справи со политичката криза во Нигер, откако воената хунта го игнорираше нејзиниот ултиматум за предавање на власта.

Во понеделникот, американскиот Стејт департмент соопшти дека остварил директен контакт со водачите на државниот удар и ја нагласи потребата да се врати претседателот Базум и да се врати Нигер во уставниот поредок.

На 26 јули Базум беше уапсен од членовите на претседателската гарда, кои подоцна истата вечер најавија преземање на власта, јавува АА.

Слични содржини