ЕУ ја притиска „АстраЗенека“ да достави повеќе дози од вакцината

од Nikola Popovski

Европската унија врши притисок врз фармацевтската компанија „АстраЗенека“ да достави повеќе дози вакцини против коронавирус во 27-те земји-членки и да ги одржи првичните ветувања по добивањето на одобрението од ЕУ, особено затоа што блокот веќе инвестираше во зголемување на производствениот капацитет.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен разговараше телефонски со шефот на компанијата Паскал Сорио, а членовите на ЕУ исто така се среќаваат со Астразенека за да ја охрабрат британско-шведската компанија да го зголеми производството на вакцини и да ги исполни своите договорни обврски.

Претседателката на ЕК, според нејзиниот портпарол, „јасно му рекла на директорот на АстраЗенека дека очекува таа компанија да ги исполни договорените испораки“.

„Таа го потсети г. Сориот дека ЕУ однапред инвестираше значителни суми во компанијата, токму за да обезбеди зголемено производство, дури и пред Европската агенција за лекови да издаде одобрение за ставање во промет“, рече портпаролот.

ЕУ, и покрај силното економско и политичко влијание, заостанува далеку зад Израел и Велика Британија во вакцинирањето на најранливото население и здравствените работници, а нејзините лидери се соочуваат со силни критики за бавното темпо на имунизација.

Европската агенција за лекови во петок треба да ја тестира вакцината против коронавирус на Оксфорд и Астразенека и се очекува нејзино одобрување.

Вакцината Астразенека веќе се користи во Велика Британија, а во некои земји, вклучувајќи ги Индија, Пакистан, Аргентина и Мексико, веќе е одобрена за итна употреба.

Ниту вакцината на Фајзер и Бионтек не е доставена до ЕУ во ветените количини

Најавата на Астразенека дека првично ќе ја намали испораката на вакцини во ЕУ само го зголеми притисокот врз 27-члениот блок, особено затоа што „Фајзер-Бионтек“, првата вакцина што доби одобрение од ЕУ, не беше доставена во ветените количини минатата недела.

„Фајзер“ привремено ги намали испораките во ЕУ и Канада бидејќи ја обнови својата фабрика во Белгија за да го зголеми целокупното производство. Италија се закани дека ќе ја тужи фармацевтската компанија за доцнењето.

Претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел вчера изјави дека претставниците на ЕУ „треснаа со тупаници на масата“ по објавата од „Фајзер“ дека ќе доцнат со испорака на вакцини неколку недели и дека е обезбедено одложувањата да бидат запрени до следната недела.

Сепак, имајќи ги предвид логистичките предизвици и бавното воведување на вакцините во ЕУ досега, Мишел рече дека ќе биде „тешко“ да се исполни целта на извршната комисија на ЕУ за вакцинирање на 70% од возрасните до крајот на летото.

ЕУ склучи шест договори за вакцини за повеќе од 2 милијарди дози, но досега се одобрени само вакцините на Фајзер и Модерна.

Слични содржини