ЕУ СЛОЖНА: Сребреница е една од најтемните страници на европската историја

од Vladimir Zorba

Геноцидот во Сребреница е една од најтемните страници на европската историја и Европа се сеќава на својата одговорност и неуспехот да ги заштити жртвите, рекоа во заедничка изјава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и комесарот за проширување Оливер Вархеји.

„Пред дваесет и осум години беше испишана една од најтемните страници на европската историја. Ја споделуваме тагата и болката на семејствата и пријателите на жртвите и луѓето кои го преживеаја геноцидот во Сребреница“, велат двајцата европски претставници во пресрет на утрешната комеморација на 28-годишнината од геноцидот во Сребреница.

„Европа се сеќава на својата одговорност и неуспехот да ги заштити жртвите. Додека војната повторно беснее на европскиот континент, денес останува на нас да се заложиме подобро да го браниме мирот и да ги заштитиме човечките животи“, се вели во соопштението.

Борел и Вархеји нагласуваат дека Европската унија останува посветена на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и дека нејзината иднина е во ЕУ.

Тие предупредуваат дека помирувањето може да се заснова само на вистината, правдата и мирот.

„Не смее да има толеранција кон негирањето на геноцидот, историскиот ревизионизам и глорификацијата на воените злосторници. Сите граѓански и политички лидери во Босна и Херцеговина се одговорни за соработка во градење подобра иднина заснована на дијалог и меѓусебно разбирање, со цел зајакнување и одбрана на мирот и човечкото достоинство, за доброто на сите генерации“, се вели во соопштението.

Слични содржини