ЕВН и Слупчанци ќе имаат уште еден состанок, по него треба да следи реконструкција на мрежата

од Nikola Popovski

Денеска се одржал уште еден состанок меѓу претставници на ЕВН Македонија и жителите на Слупчане, при што од компанијата информираат дека завршил успешно.

Според ЕВН, на состанокот се финализирале техничките детали за реализација на проектот за реконструкција и модернизирање на мрежата.

Најавено е дека во понеделник ќе се одржи последниот состанок, по кој следува решавање на проблемот со електричната енергија во ова село.

Од компанијата и претставниците на жителите оценил дека и вчерашниот состанок поминал во позитивна атмосфера.

Откако на екипите на ЕВН не им беше дозволен влез во селото, постигнат беше договор со мештаните, а гаранции се дадени од локалната власт и од страна на сите политички партии. Според последните информации, ЕВН треба да почне да ја реконструира мрежата на 9 август годинава.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Владата и министерот за економија, Крешник Бектеши да соопштат што е договорено во Слупчане во однос на плаќањето сметки за струја.

Жителите на селото имаат свои барања, меѓу кои дел од нив се отпис на долговите, иако тие се во износ од неколку милиони евра, да плаќаат ограничена цена од 3.000 денари за струја по семејство без разлика на потрошените киловати, како и верските објекти да бидат ослободени од плаќање.

На почетокот на месец јули, слупчанци го блокираа главниот пат кон селото и палеа гуми со цел да ги спречат екипите на ЕВН да си ја завршат својата работа. Во обид сами да го средат дефектот, предизвикаа поголем дефект и без струја останаа селата Оризаре, Ваксинце и Лојане.

Слични содржини