Фармацевтскиот факултет и Шангајскиот Институт за материја медика потпишаа Меморандум за соработка

од Vladimir Zorba

Меморандум за соработка денеска во Скопје потпишаа Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Шангајскиот институт за материја медика при Кинеската академија на науките.

Потпишувањето на меморандумот е резултат на претходно воспоставената двегодишна проектна соработка меѓу двете институции, а целта е планирање и реализирање поширока соработка на Фармацевтскиот факултет со Шангајскиот институт за материја медика на полето на природни производи.

– Со потпишување на Меморандумот се отвораат големи можности, ние сме мала единица во нашиот Универзитет, но сега се компарираме и воспоставуваме соработка со една навистина многу голема единица од Кинеската академија на науките. Полето на соработа е исто така многу големо, се надеваме дека со сета нивна љубезност и искрена посветеност кон проширување и интернационализација на нивната наука, ќе имаме можност да навлеземе во програмите што за нив се многу важни. За нас, како мала земја, како мала единица на Универзитетот, тоа ќе биде огромен бенефит. Најважно е дека се отвораат вратите за нашите научници за оваа соработка, рече деканот на факултетот, Светлана Кулеванова.

Појасни дека веќе има двајца студенти кои се на докторски студии во Шангај, а еден од менторите на студенти по фармација токму во Шангај работи на својата докторска тема, и оти се надева дека бројот на нашите студенти кои ќе студираат таму ќе се прошири.

– Тоа е огромен капитал, зашто тие деца еден ден ако се вратат кај нас ќе можат да споделат извонредно знаење и ќе овозможат отворање нови бизниси што можат да бидат значајни за нашата земја. Очекуваме плодна соработка. Ова е историски ден за нашиот факултет, додаде Кулеванова.

Очекува во иднина да има конкретни задачи и проекти, преку кои факултетот за фармација ќе може да покаже знаење и да ги искористи огромните можности што ги нуди Институтот за материја медика во Шангај.

– Денешното потпишување на меморандумот за соработка претставува широко отворање на вратите на соработка на полето на науката, на полето на размена на студентски кадар и наставен кадар и секако за заедничка соработка на разни научни проекти, разни постидпломски и докторски студии на поединци. Соработуваме со еден светски познат научен Институт што е навистина престижен во светски рамки. Ова претставува почеток на соработката, а јас се надевам дека таа ќе продолжи и во иднина, зашто претставува голем бенефит и за факултетот и за Универзитетот, рече ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски.

Слични содржини