Ферари веќе не се чувствуваат „безнадежни“ во битката со Ред Бул

од Vladimir Zorba

Директорот на тимот на Ферари, Фредерик Васур, рече дека Скудерија повеќе не се чувствува „безнадежна“ во нивната битка со Ред Бул по добриот почеток на „црните коњи“ во сезоната 2024 година.

Ферари постави возач на подиумот во првите два старта од годината и по нив го зазеде второто место во шампионатот за конструктори. На врвот останува Ред Бул, кој оствари две двојни победи, но и во Бахреин и во Саудиска Арабија предноста на „биковите“ пред Ферари беше помала во однос на 2023 година.

Токму ова топење на заостатокот го тера Васур да помисли дека Ферари сега има пореални шанси да се бори со „биковите“. Сепак, Французинот признава дека разликата и понатаму е голема и неговиот тим продолжува да се потпира на грешките од Ред Бул за да има шанси за повеќе од пласман на подиумот.

„Сега, не сакам да звучам песимистички бидејќи беше добар викенд и мораме да бидеме оптимисти и да уживаме во овие моменти, но јасно е дека Ред Бул се уште е пред нас. Во квалификациите нивната предност е 2-3 десетинки, а во трките малку повеќе. Но, тешко е да се процени точно колку, бидејќи не знаеме дали притискаа колку што можеа. Но, чувството е попозитивно. Сега сме во зоната каде што можеме да се надеваме дека ќе згрешат ако ги притиснеме уште малку. Кога бевме секунда зад нив беше безнадежно, но сега, со добар почеток, можеме да бидеме во борба. Мислам дека во Џеда им беше прилично лесно да претекнат бидејќи имаат подобра максимална брзина. Беше прашање на избор, но во одредени ситуации ќе имаме опции“, објасни Васур.

Французинот откри и дека Ферари има развоен план за подобрување на перформансите на SF-24. Васур не пропушти да го забележи фактот дека тимот сега има солидна основа и не мора да отстранува проблеми од болидот, како што беше случај пред 12 месеци.

„Воопшто не сум фокусиран на шампионатот, но мислам дека сега имаме 45 бодови (всушност 49), а минатата година по првите три трки имавме 25 (всушност 26). Важно е да имаме добар почеток на сезоната. Исто така, не сакам да кажам, но автомобилот е полесен за возење отколку пред една година. Ова е добра основа за развој бидејќи на пилотите им е полесно да разберат што треба да се подобри. Во овој поглед, направивме чекор напред“, рече Васур.

Еден од големите проблеми на Ферари минатата година беше управувањето со гумите и нивното брзо распаѓање. Сепак, во првите два старта од сезоната оваа негатива се чинеше дека ја немаше, што доведува до севкупно подобрување на перформансите на тимот.

„Подобрените перформанси доаѓаат од секаде. Нема шанси да отклучите 5 десетинки со еден куршум. Ако сакавме да го стигнеме Ред Бул, мора да подобриме сè. Тоа беше нашиот пристап минатата година и се исплатеше. Направивме добар чекор напред во секоја насока и мора да продолжиме да притискаме. Секако дека аеродинамиката е клучна. Имаме планирани надградби, но сигурен сум дека тоа важи за сите. Најважно е тоа што носи подобрувања што можеме да ги искористиме. Токму тоа беше една од нашите силни страни минатата година“, изјави францускиот специјалист.

Слични содржини