Филипче: Лицата со ретки болести ќе се имунизираат од следниот контингент вакцини

од Nikola Popovski

Министерот за здравство Венко Филипче, на денешната прес-конференција пред А1 арената „Борис Трајковски“ изјави дека лицата со ретки болести ќе се вакцинираат од следната голема количина на вакцини.

„Веќе од следната недела ќе има навистина голема количина на вакцини на располагање. Затоа апелиравме и за трпение и за разбирање, сепак беа во приоритетните листи луѓе коишто беа вработени во институции, луѓе коишто ја менаџираат кризата и така ги правевме распоредите, дури и не сите од тие институции“, рече Филипче.

Тој дополни дека во следниот период ќе има доволно вакцини и сите ќе бидат земени предвид.

Министерот за здравство Венко Филипче на настанот посветен за промоцијата на нова поштенска марка посветена на ретката болест Гоше, во организација на Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“, заедно со Пошта на Северна Македонија, потенцираше дека сите здруженија и организации се вклучени во состаноците и дебатите во борбата за унапредување на квалитетот на живот на овие лица.

-Се сеќавам на првата средба, во кабинетот на премиерот Заев во 2017 година со Асоцијацијата на здруженија, каде со нас беа споделени сите потреби во однос на лекови, дијагностика, во однос на помагала, нешто што е секојдневна потреба на пациентите со ретките болести. Со тој пристап значајно се зголемија буџетите во делот на ретките болести. Процесите ги направивме отворени, транспарентни и инклузивни за токму од лицата со ретки болести да слушнеме кои се вистинските нивни потреби и кој е начинот на кој би ги решиле. Решенијата да не бидат наметнати туку да служат како што навистина треба да имаат вистински ефект. Ние сега сме во ситуација да кажеме дека после три години иницијални состаноци значајно се зголемени буџетите, бројот на пациенти кои се лекуваат и лековите кои се вклучени во нашата програма, изјави Филипче.

Со Буџетот за 2021 година за третман на пациенти ретки болести се обезбедени 520 милиони денари, што е двојно повеќе, споредено со 2017 година, кога за буџетот на оваа програма биле издвоени 213.967 милиони.

Слични содржини