Кузеска за „златната виза“ на Филипче: ВМРО ги ангажираа „Black Cube“ – Орбановата фабрика за валкани афери

Портпаролката на СДСМ вели дека претставници на „Black Cube“ имале состанок со претставници од ВМРО и со еден голем бизнисмен, близок до премиерот и финансиер на партијата, во луксузен хотел во Скопје

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Фејсбук/СДСМ

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски во паника ја ангажирале „Black Cube“ приватната израелска компанија, која Кузеска ја нарече Орбановата фабрика за валкани афери.

„Вчера Алфа телевизија, дел од мрежата на Орбановите медиуми, објави уште една таканаречена ‘ексклузивна’ афера против претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче. Ништо ново. Дел од систематска, валкана операција која ја води криминалната група ВМРО со помош на приватната израелска компанија ‘Black Cube’, која ја нарекуваат и ‘приватен Мосад’. Тоа е истата компанија која Орбан ја користи со години, а ја донесе и за Мицкоски во Македонија“, тврди Кузеска.

Таа вели дека ВМРО-ДПМНЕ наместо да одговарат за економската катастрофа, за застојот на европскиот пат и за криминалните тендери, тие прават сè за да го дискредитираат СДСМ и да го дефокусираат вниманието на граѓаните. Кузеска вели дека поддршката на ВМРО-ДПМНЕ паднала за над 150.000 гласа.

„’Black Cube’ е приватна фирма составена од поранешни израелски разузнавачи, позната по тајни снимки, фабрикување афери и валкани политички операции, особено во Унгарија и Словенија. Орбан ја ангажирал ‘Black Cube’ пред изборите 2018 и 2022 година, како и оваа година пред изборите кои ги изгуби. Медиумите ширум Европа пишуваа за нивните активности, како нивните агенти со лажни идентитети и лажни компании мамеле активисти и новинари, тајно ги снимале, а снимките потоа се пуштале во провладини медиуми за да се дискредитира невладиниот сектор и политички неистомисленици. Еве дел од тие натписи. Оваа година биле задолжени за Петер Маѓар, идниот премиер на Унгарија. Сакале да објават снимки од неговата спална соба и да направат лажна афера“, рече Кузеска.

Таа вели дека претставници на „Black Cube“ имале состанок со претставници од ВМРО и со еден голем бизнисмен, близок до Христијан Мицкоски и финансиер на ВМРО, во луксузен хотел во Скопје.

ТВ Алфа вчера објави дека „златната виза“ за Дубаи, Филипче ја добил во септември 2023 година. Визата не му е издадена како на лекар, а му трае до 2033 година, открива телевизијата, повикувајќи се на, како што велат, свиркачи.