„Фолксваген“ ќе бара отштета од поранешните шефови за аферата „Дизелгејт“

од Vladimir Zorba

Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ објави дека ќе побара обештетување од поранешниот извршен директор Мартин Винтеркорн и поранешниот извршен директор на „Ауди“, Руперт Штадлер, во врска со скандалот со фалсификување на податоците за емисии на штетни гасови.

Адвокатската фирма „Глејс Луц“ спроведе истрага која опфати преглед и анализа на 1,6 милиони досиеја и повеќе од 1.550 интервјуа и испрашувања, соопшти компанијата.

„Надзорниот одбор на „Фолксваген АГ“ го заврши процесот на разјаснување и ја заврши истрагата за причините за дизел кризата и одговорноста, што ја започна во октомври 2015 година. Заклучокот е дека Винтеркорн и Стадлер ја прекршиле должноста со која се барало да ги штитат интересите на компанијата. Другите членови на одборот се ослободени од одговорноста за скандалот.

„Затоа Надзорниот одбор на денешниот состанок одлучи да поднесе тужба за отштета против поранешниот извршен директор на Групацијата, Мартин Винтеркорн и поранешниот член на Управниот одбор на групацијата и извршен директор на „Ауди АГ“ Руперт Штадлер.

Винтеркорн и Штадлер тврдат дека не се одговорни за фалсификување на податоците за емисии од дизел автомобилите.

Да потсетиме, „Фолксваген“ призна во 2015 година дека користел неовластен софтвер во САД за да манипулира со податоците за тестовите на емисија на штетни гасови од моторите, предизвикувајќи најголема криза во нејзината историја. Скандалот го чинеше повеќе од 32 милијарди евра казни, прилагодувања на автомобили и правни трошоци.

Винтеркорн се повлече од функцијата извршен директор на 23 септември 2015 година, една недела по избивањето на скандалот. Околу три години подоцна, VW го раскина договорот со Штадлер поради кривична истрага што треба да покаже дали групацијата учествувала во манипулација со податоци.

Во изјавата на адвокатите на Винтеркорн се вели дека поранешниот извршен директор изрази жалење за одлуката на надзорниот одбор и ги отфрли обвинувањата. Тие додадоа дека „ќе се обидат да ги разјаснат горенаведените прашања во договор со „Фолксваген АГ“. Адвокатите на Штадлер одбија да го коментираат барањето за отштета.

Слични содржини