Фон дер Лајен: Воено-индустрискиот комплекс на Украина треба да биде дел од индустријата на ЕУ

од Radmila Tasevska

Европската унија треба да ја гледа Украина како дел од сопствениот безбедносен и одбранбен систем и врз основа на тоа да преземе практични чекори за интегрирање на украинската одбранбена индустрија со европската, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Не треба само да ја забрзаме испораката на муниција во Украина. Додека гледаме кон иднината, треба да размислуваме за одбранбените способности на Украина како дел од нашите одбранбени способности. Треба да размислуваме за украинската одбранбена индустрија како дел од сопствената одбранбена индустрија“, нагласи Фон дер Лајен на седницата на Европскиот парламент во Стразбур.

Затоа, според неа, ЕУ ја вклучила Украина во подготовката на европската стратегија во областа на развојот на одбранбената индустрија. Како што наведе, ова е првиот чекор што треба да доведе до интеграција на Украина во некои од европските одбранбени програми, со потребното одобрување на таквите одлуки во Европскиот парламент и Советот на ЕУ.

„Ова не само што ќе ни помогне да одговориме на одбранбените потреби на Украина, туку ќе обезбеди и интероперабилност и заедничко планирање меѓу нашата воена и одбранбена индустрија. Украина е идна членка на нашата Европска унија. Затоа треба да ни стане многу поблиску и на полето на одбраната“, изјави Фон дер Лајен.

Претседателката на Европската комисија потсети дека во овој момент земјите од ЕУ имаат обезбедено обука за повеќе од 40.000 украински војници.

„Европската унија и нејзините земји-членки мобилизираа 28 милијарди евра за набавка на воена опрема за Украина“, рече таа, истакнувајќи дека европската одбранбена индустрија го зголеми капацитетот за производство на муниција за 40 отсто.

„ЕУ ќе и испорача повеќе од 500.000 артилериски гранати на Украина следниот месец и повеќе од еден милион гранати до крајот на годината“, рече Фон дер Лајен.

Слични содржини