Франција ја блокира лажната веб-страна за регрутирање за Украина

На веб-страницата, која сега е симната од француските служби и е недостапна, било посочено дека 200.000 Французи се поканети „да се пријават во Украина“, а приоритет им се давал на мигрантите

од Бети Божиноска

Француските власти открија веб-страница која содржела лажен владин повик за регрутирање француски доброволци да се приклучат на војната во Украина, соопшти во четвртокот француското Министерство за одбрана, пренесува „Франс прес“.

На веб-страницата, која сега е симната од француските служби и е недостапна, било посочено дека 200.000 Французи се поканети „да се пријават во Украина“, а приоритет им се давал на мигрантите. Министерството за одбрана и владините сајбер единици сега го истражуваат случајот.

Лажната веб-страница ги канела потенцијалните регрути да контактираат со „командантот на единицата Пол“ за информации за приклучување.

„Линк до страницата – која наликуваше на вистинскиот портал за регрутирање на Француската армија – беше објавен на „X“. Страницата е лажен владин сајт и беше реобјавен од злонамерни профили како дел од кампања за дезинформации,“ соопшти француското Министерство за одбрана, исто така на „Х“.

Министерството не именуваше ниту еден осомничен за измамата на веб-страницата, но владин функционер, кој сакаше да остане анонимен, рече дека страницата ги има „белезите на руски или проруски напори како дел од кампањата за дезинформации во која се тврди дека француската армија е се подготвува да испрати војници во Украина“.

Францускиот претседател Емануел Макрон го разбесни руското раководство минатиот месец со засилената реторика за конфликтот предизвикан од руската инвазија на Украина, одбивајќи да ја исклучи можноста за испраќање копнени трупи и инсистирајќи на тоа дека Европа мора да стори се што е потребно за руски пораз.

„Слични неодамнешни примери на објави на дезинформации вклучуваа фотографии од конвои на француската армија лажно прикажани претставени како се движат кон украинската граница,“ вели владиниот претставник.

Француската влада неодамна ги засили напорите за осуда и за борба, како што вели, руските кампањи за дезинформација и дестабилизација, чија цел е да ја поткопа француската јавна поддршка за Украина во нејзината војна против Русија.

Слични содржини