Галоски: За 2020 година имам големи планови, азиска турнеја и одлични соработки со светски диџеи

од Elena Daskalova

Неговото издание „Make That Body Move“ кое излезе во 2019 година стана најподдржувана трака од голем број светски диџеи, на платформата „1010tracklists.com“.

Секако, веќе веднаш е јасно дека станува збор за најистакнатиот диџеј и продуцент на електронска музика во Македонија, но и пошироко, Александар Галоски или на сцената познат само како Галоски.

За него може нескромно да се каже дека е единствен артист/диџеј и продуцент од земјава со константна поддршка во радио емисиите на светските суперстар диџеи како David Guetta, Martin Garrix, Dimitri Vegas & Like Mike, Afrojack, Don Diablo, Nicky Romero.

Во краток разговор за Локално.мк, тој ни открива дел од неговите планови за 2020 година, кои вклучуваат азиска турнеја, настапи низ Европа, клубски изведби, фестивали и студиски реализации.

„Во 2018 година имав успешни настапи, дури и еден распродаден во 3 од најдобрите 10 ноќни клубови во Токио, Јапонија, каде како гости може да се забележат имиња како Џастин Бибер, One Direction, Neymar, Др. Дре, The Chainsmokers, The Black Eyed Peas, Florida, Ne-Yo и други“, вели тој, потсетувајќи се на уште една успешна година во неговата кариера.

„Како дел од мојата азиска турнеја во 2020 година, имам веќе потврдено настапи во Токио, Сингапур, повеќе градови низ Кина, Тајланд, Виетнам, Мјанмар“, ни открива Галоски, а ексклузивно за Локално.мк откри дека ќе настапува на реномиран фестивал за електронска музика.

„Тоа е Ултра Мјузик Фестивал, а потврдени се и настапи за уште два поголеми фестивали во Европа. Од настапи, потврдени се веќе во Норвешка, Шведска, Германија, Шпанија, Хрватска, Чешка и Словачка“, вели тој.

Во продолжение, дознаваме дека Галоски е ангажиран за издавачката куќа на Оливер Хелденс, моментално 6-ти најголем диџеј во светот, Heldeep, а за уште две песни преговара со продукциската куќа Spinnin Records:

„За 2020та веќе имам потпишано ново издание за Heldeep (текстот и вокалот се мои) и токму неделава завршувам уште две нови песни за кој сум во преговори во Spinnin Records.“

Годинава Галоски има зацртано неколку цели, а тоа се 10 соло клубски/фестивалски изданија и 3-4 радиски песни, а во однос на неостварени желби, тој вели:

„Како што редат успеси последниве изданија, константно сум контактиран од менаџери на најголемите диџеи ширум светот за соработки, па може да очекуваме и некоја голема соработка до крајот на годинава. Инаку од целата диџејска елита ми недостасува контакт со Келвин Харис, со останатиот дел веќе или се имаме сретнатно на турнеи, фестивали или имаме разменето неколку мејлови.“

Подготви: Е.Д.

Слични содржини