Германија увезува убедливо најмногу електрични возила од Кина

од Vladimir Zorba
151 прегледи

Уделот на Кина во увозот на целосно електрични возила во Германија се зголеми на 40,9 отсто во првите четири месеци од оваа година, иако нивниот вкупен број падна за 15,7 отсто, објави во вторникот Федералниот завод за статистика.

Европската комисија минатата недела предупреди дека размислува за воведување казнени тарифи за кинеските е-возила. Ова може да ги загрози германските производители на автомобили со погони во Кина, како и нивниот извоз, пренесува агенцијата dpa.

Увозот на е-возила во Кина силно расте, велат статистичарите. Вкупно 29 отсто од 447.200 е-автомобили увезени во Германија во 2023 година дошле од Кина. Следна е Јужна Кореја со 9,9 отсто или 44.200 возила, а потоа Чешка со 9,3 отсто и 41.600 автомобили. Во 2022 година Кина имаше удел од 12 отсто, а во 2020 година 7,7 отсто.

Од есента, Европската комисија го разгледува увозот на кинески електрични автомобили поради државните субвенции таму, што ја нарушуваат меѓународната конкуренција.

Кинеските електрични автомобили се за околу 20 отсто поевтини од моделите од Европската унија, изјавија во Брисел. Разликата се припишува на владините субвенции. Засега нема конечна одлука за казнените давачки.

Слични содржини