Германски кардинал дава исказ пред суд во врска со педофилија

од Stefanija Kuzmanovska

Германскиот кардинал и надбискуп од Келн, Рајнер Мариа Воелки денеска сведочи пред Покраинскиот суд во Келн во судскиот процес што го покрена против весникот „Билд“, кој го обвини дека ги игнорирал сознанијата за педофилското досие на еден свештеник.

„Кардиналот Воелки не дава исказ како сведок, туку неговата изјава е земена како дел од собирањето докази“, изјави портпаролката на судот во Келн.

Кардиналот Воелки бара од весникот „Билд“ да го повлече текстот и да го поправи тврдењето дека се согласил на унапредување на свештеник иако знаел дека е под истрага за секс со 16-годишна проститутка.

Спорниот свештеник имал контакти со проститутки?

Воелки тврди дека не знаел за полициското досие за време на неговото унапредување, туку дека од други слушал само разни гласини, меѓу кои и дека свештеникот имал контакти со проститутки. Дневниот весник „Билд“ сè уште стои на своето тврдење дека Воелки се согласил на унапредувањето и покрај тоа што знаел за минатото на свештеникот.

Воелки е под истрага од ноември под сомнение дека дал лажна изјава поврзана со друг случај за педофилија. А тука се работи за тоа што Воелки тврдеше дека не знаел за некои случаи на педофилија, иако има индиции дека тоа не е точно.

Надбискупот на најбројната германска надбискупија веќе извесно време е во центарот на јавниот интерес поради неговиот однос кон низата обвинувања против свештенството за сексуално вознемирување. Тој е обвинет дека подолго време го блокирал објавувањето на вештачења за случаи на сексуална злоупотреба на малолетници во архиепископијата во Келн.

Во моментов папата Франциск го разгледува барањето на Воелки за оставка.

Католичката црква во Германија моментално се наоѓа во турбулентен период, со се погласни повици за темелна реформа и во исто време рекорден број верници кои ги напуштаат редовите на Црквата.

Слични содржини