Гласен текстилец: Препораката за продавниците да работат и за празниците не е во интерес на работниците

од Nikola Popovski

Здружение за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ бара од Владата да ја повлече препораката до работодавачите, за деновите 31 декември 2023 година и 1 јануари 2024 година, како и 7 јануари и 8 јануари 2024 година, да работат продавниците, штандовите и киосците коишто вршат трговија на мало. Велат дека одлуката е во интерес на работодавачите, но не и на работниците.

-Сведоци сме дека прекувремената работа, работата на празник и во ден на неделен одмор, не се плаќа од мнозинството приватни фирми. Гласен Текстилец даде особен ангажман да има забрана за работа во недела на огромен дел од дејностите, сепак владата сега им дава препорака на работодавачите да го кршат законот кој тие го донесоа, базиран на наши долгогодишни барања. Оваа влада која е социјалдемократска, треба да тежнее кон просперитет и да биде блиска до работниците, велат од Здружението.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска информира дека ваквото барање дошло од трговците и угостителите. Тој беше дециден дека работниците ќе бидат платени согласно Законот за работа во неработни денови и недела.

Премиерот смета тоа дека не би претставувало проблем бидејќи, како што истакна, секој работодавец сака да ги има своите работници како задоволни, од кои што на крајот на денот зависи и работењето на компанијата. Исто така наведе дека пазарниот инспекторат ќе биде на терен и ќе врши контроли.

Слични содржини