„Го следевме во тој момент“: Путин побегнал од Москва за време на бунтот на Вагнер?

од Stefanija Kuzmanovska

Поранешниот руски олигарх Михаил Ходорковски тврди дека Путин побегнал од Москва за време на бунтот предводен од шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин.

Тој за „Њузвик“ изјави дека преку еден од неговите контакти дознал дека Путин ја напуштил Москва со авион за време на неуспешниот пуч и најверојатно отишол во неговата резиденција во Валдај меѓу регионите Твер и Новгород. Очигледното отсуство на Путин за време на бунтот ги поттикна шпекулациите за неговата локација.

Ходорковски (60) беше на чело на енергетската компанија „Јукос“ пред да помине една деценија во затвор во Русија под обвиненија за кои критичарите велат дека се политички мотивирани. Тој беше еден од првите поддржувачи на демократските промени во Русија, критикувајќи ја ендемската корупција на телевизиска средба со Путин на почетокот на 2003 година.

Иако беше помилуван во 2013 година, тој сè уште е еден од водечките критичари на режимот.

„Го следевме Путин во тој момент. И се чини дека тој навистина ја напуштил Москва и најверојатно отишол во својата резиденција во Валдај“, изјави Ходорковски од Лондон, каде што живее денес.

Агенцијата, независен истражувачки медиум на руски јазик, во јануари објави дека системот за воздушна одбрана Pancir-S1 бил распореден во близина на резиденција во Валдај поради напади со беспилотни летала на руска територија. Резиденцијата е опишана како „место за лична забава на Путин, неговите роднини и пријатели“.

„Мислев дека опозицијата има шанса“

Ходорковски наведува дека авионот „кој го користел само Путин“ полетал од Москва на 24 јуни и се упатил кон северозападот на Русија. Тој додаде дека авионот исчезнал од уредот за следење летови „некаде околу Валдај“. Веќе на самиот ден на бунтот се појави информација дека претседателскиот авион Иљушин Ил-96 полетал од главниот град на Русија.

Дел од руските независни медиуми објавија дека транспондерот на авионот бил исклучен кога почнал да се спушта во регионот Твер. Се претпоставува дека авионот летал кон воздухопловната база Борисовски Хотилово, која е аеродромот најблиску до резиденцијата на Путин во Валнај.

И други авиони кои се користат за транспорт на високи руски функционери или членови на вооружените сили полетале од Москва.

„Водачи, разни раководители на различни сектори, навистина, доста од нив ја напуштија Москва. Значи, токму затоа мислев дека опозицијата има шанса. Но… бунтот на Пригожин пропадна многу брзо“, заклучи Ходорковски.

Слични содржини