Гошевски: Високите каматни стапки се еден од факторите, кои влијаат на негативниот тренд на криуптовалутите

од Берта Китинска

За разлика од поранешните ценовни осилации, од кои имаше непредвидени корекции и во двете насоки, овој пад на Биткоинот на некој начин беше најавен и препознаен од финансиските аналитичари и инвеститори, особено по кревањето на каматните стапки во САД. Дури и се шпекулираше со конкретни цени, до каде овој ,,мечкин тренд“, може да оди надолу и дека може да се спушти и под психолошката граница од 30.000 долари, вели во разговор за „Локално“ адвокатот и експерт за крипто-пазарот, Душко Гошевски.

Тој посочува дека евентуален раст може да има после среда-четврток кога треба да се објават стапките од априлската инфлација, додавајќи дека во секој случај се работи за корелација и со цените на акциите и со светската економска криза.

-Ако се следат кривите на алткоините, јасно е дека сите други криптовалути го следат Биткоинот, додека некои и имаат и повисоки стапки на пад на вредноста. Кревањето на каматните стапки е еден од факторите, можеби најзначаен во овој период ,но секако дека има и други фактори кои влијаат на негативниот тренд, смета Гошевски.

За тоа дали треба да се „купува падот“ во овие несигурни времиња, експертот за крипто-пазарот појаснува дека тоа е инвестициските одлуки на секој инвеститор и капацитетот и можноста ,,да се издржи“.

-Не се работи само за криптовалутите туку има пад на повеќето финансиски пазари. Индексот на Њујоршката берза, Dow Jones во јануари беше со вредност од над 36 000 долари за сега да се спушти на 32.200 долари. Се работи за сериозна економска криза која обединува повеќе глобални фактори од пост-ковид периодот до војната во Украина, појаснува тој.

Според Гошевски во оваа фаза на рапидното покачување на цените на производите и енергенсите поради војната во Украина, Биткоинот не може да се смета за анти-инфламанторен инструмент и дека неговата вредност ќе биде детерминирана од пазарот, а не од очекувањата или од позадинската идеја која стои зад него.

За експертот за крипто-пазарот наглото опаѓање на интересот на корисниците на NFT се должи на тоа што за целосниот развој на оваа технологија, потребно е време за тие ,,сами да се докажат”.

-Околу NFT токените сметам дека во светската финансиска јавност има умерен оптимизам на кој му е потребно време да се докаже. Токените се техничко – технолошки напреден тренд на децентрализираните финансии, една генерација после Биткоинот, но базирано на блокчеин. Што значи дека до некаде се поврзани со целосниот развој на оваа технологија, но во еден дел е потребно и ,,сами да се докажат”. Нивното место во светот на дигиталните финансии е неспорно, но каков и колкав процен и учество ќе имаат во новата дигитална економија останува да видиме, бидејќи тие се уште се приспособуваат на пазарот и го бараат своето место,смета тој.

Б.М.

Слични содржини