Градоначалникот на Истанбул под истрага поради „непочитување“ кон султан

од Stefanija Kuzmanovska

Турските власти отворија истрага против градоначалникот на Истанбул, еден од најголемите ривали на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кого го обвинуваат за непристојно однесување при посетата на мавзолејот на еден султан, бидејќи ги држел рацете зад грб.

Министерството за внатрешни работи во вторникот објави дека отворило истрага против Екрем Имамоглу поради „обвинувања за недостаток на почит“, што наводно се случило минатата година при посетата на мавзолејот на султанот Мехмет Втори.

Според весникот „Cumhuriyet“, кој ја откри аферата, властите го обвинуваат Имамоглу дека стои пред гробот на Мехмет Втори држејќи ги рацете зад грб, што го сметаат за навредливо за споменот на тој султан кој го освои Цариград во 1453 година. Оценувајќи дека постапката е „неразумна“, портпаролот на градските власти на Истанбул, Мурат Онгуен, рече дека Имамоглу е поканет да даде изјава, пренесува Хина.

Истрагата се однесува и на посетите на Имамоглу кај градоначалниците на прокурдската Народна демократска партија (ХДП), за време на кои тој е обвинет за наводно одржување говори во кои „ги фалел криминалците“, според Министерството за внатрешни работи.

Турските власти ја обвинуваат ХДП дека е политичко крило на Работничката партија на Курдистан (ПКК), која тие ја сметаат за терористичка организација. ХДП го отфрла ова и тврди дека е жртва на репресија затоа што жестоко му се спротивставува на турскиот претседател.

Имамоглу потекнува од најголемата опозициска Републиканска народна партија (ЦХП, социјалдемократи) и е еден од најистакнатите противници на Ердоган. Набљудувачите честопати го сметаат за потенцијален ривал на Ердоган на претседателските избори во 2023 година.

Имамоглу сериозно го победи Ердоган на локалните избори во 2019 година, со што заврши 25-годишното владеење на исламските конзервативци во Истанбул.

Слични содржини