Градоначалникот на Крива Паланка има спротивно мислење од раководството на СДСМ, вели премиерот за евентуален референдум за рудникот за антимон

Мицкоски вели дека често комуницира со градоначалникот Митовски и истото се случило и денеска

од Nikola Popovski
30 прегледи Фото: Фејсбук

По барањето на СДСМ за референдум за рудникот во Луке во кривопаланечкиот регион, откако беше најавено можно отворање рудник за антимон, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска порача дека правото за да се побара рефередум е уставно загарантирано и дека има услови за тоа, но, како што вели, тоа што него го зачудува е што градоначалникот на Крива Паланка од редовите на СДСМ, има спротивно мислење од ставот на раководството на СДСМ.

Премиерот вели дека често комуницира со Сашко Митовски и истото се случило и денеска.

-Можев да се уверам дека неговиот став е сосема спротивен. Овој проект е дел од нашата стратешка соработка со САД, финансиран делумно од САД, проект кој што кога ќе се развие, мора да ги задоволи условите и законите во Македонија, за тоа лично гарантирам и гарантираат инвеститорите. Тој мисли дека, како и јас, овој проект е стратешки за државата и локалното население, посебно имајќи го предвид економскиот бенефит за рударското место. Ме збунува фактот што градоначалникот од редовите на СДСМ има сосема спротивно мислење од претседателот на СДСМ, кажа Мицкоски на денешната прес-конференција.

„Не сме против инвестиции. Но, не може моделите да бидат фокусирани на профитот и бизнисот, со висок ризик по здравјето на граѓаните. Не може да се зборува само за економска корист која не е сигуна. А при тоа никој да не зборува за загадувањето и опасноста по луѓето, за цената на загадена вода, за цената на заболени луѓе и за цената на уништено земјоделие. Тоа не се бројки во извештаи, тоа се последици кои траат со генерации. Ако државата не може да го реши Лојане, тогаш нема кредибилитет да отвора нови рудници“, рекоа денеска од СДСМ.