Ѓукановиќ: Ќе го скратиме мандатот на оваа влада во Црна Гора

од Vladimir Zorba

Претседателот на Црна Гора и Демократската партија на социјалистите (ДПС), Мило Ѓукановиќ, изјави дека е убеден дека партијата значително ќе го скрати времетраењето на сегашната влада, оценувајќи дека Црна Гора трпи загуби со секој ден нејзино владеење.

На Конгресот на младинскиот совет на ДПС, Ѓукановиќ рече дека Црна Гора ја губи довербата кај инвеститорите, темпото на економски развој, добрата слика што постои за Црна Гора како мултиетничко општество, како и дека е нарушена довербата на меѓународните партнери, пренесе „Вијести“.

„Поради сето тоа, мора да го скратиме времето на пропаѓање, убеден сум дека тоа време ќе се скрати. Но, поентата е – мора да бидете подготвени за тоа“, им рече Ѓукановиќ на младите од ДПС.

Посочи и дека тие биле свесни дека резултатите од изборите на 30 август „не дојдоа од никаде“.

„Нашите слабости најмногу придонесоа за незадоволителниот резултат на изборите. Старата максима е дека власта ги корумпира луѓето, долготрајната власт ги корумпира луѓето на долг период. Слабостите се доволни за да се справиме со нив“, рече Ѓукановиќ, додавајќи дека за време на нивниот долг мандат на власт, нивните „сензори малку ослабеле“ за вообичаените животни проблеми на секоја личност во Црна Гора.

„Сега мора да ги надминеме своите слабости во првата фаза. Повеќето граѓани не судат, па затоа е важно откако ќе ни одбијат дел од довербата, да им кажеме – ја разбравме вашата порака, подготвени сме да ги отстраниме слабостите и да ја вратиме довербата“, рече Ѓукановиќ.

Истакна дека членството во Европската унија не може да се постигне доколку не се реализираат барањата и „понекогаш социјално болните реформи во општеството, кои треба да не одведат до европскиот систем на вредности“.

„Нема квалитетен живот кон кој се стремиме, ако претходно не го усвоиме европскиот систем на вредности“, рече Ѓукановиќ, додавајќи дека ова е визијата што ја имаше неговата генерација кога влегоа во политиката.

Тој оцени дека Црна Гора е изложена на удари на ретроградна, антиевропска политика и дека на младите им останува да преземат одговорност за она што генерацијата што тој ја претставува им остава како наследство.

„Црна Гора не може да направи стратешка грешка. Помина раскрсница каде што можеше да направи погрешен избор, а не го на прави тоа. Одлучивме непоколебливо да ги браниме достигнувањата од 13 јули. Одлучивме да ги негуваме вредностите на антифашизмот, да се потпреме на сопствените сили. Одлучивме да го насочиме нашиот државен брод кон Европа “, истакна Ѓукановиќ.

Слични содржини