Гвардиола: Имаме две сезони пред нас оваа година – една пред, една после Светското

од Vladimir Zorba

Минималната разлика при прогласувањето на шампионот во последните неколку сезони значи дека Манчестер Сити треба да ја започне претстојната кампања со максимална брзина. Ова го изјави менаџерот на „граѓаните“ Пеп Гвардиола на прес-конференцијата пред гостувањето кај Вест Хем во недела во првото коло од Премиер лигата. Минатата сезона, Манчестер Сити ја освои титулата за бод повеќе од Ливерпул по втор пат од 2018/19 година, а Гвардиола е загрижен дека лошиот почеток би можел да ја извади неговата екипа од трката за титулата пред ноември, кога ќе има еден месец пауза поради Светското првенство во Катар.

„Имам чувство пред секоја прва прес-конференција дека претстојната сезона ќе биде потешка од која било досега. Мислам дека новата сезона не може да биде потешка од минатата, но ќе биде. Секој клуб во челото е надграден, менаџерите на сите тимови се ентузијасти и затоа Премиер лигата е најдоброто првенство“, изјави Гвардиола. „Имаме две сезони пред нас оваа година – една пред Светското првенство каде што не можете да ја освоите титулата, но можете да ја изгубите. Знаеме дека освоивме две титули со по еден бод и знаеме дека можеме да освоиме 12- 14 натпревари по ред, но тоа го може и Ливерпул. Затоа ќе биде многу важно да започнеме силно“, додаде Шпанецот.

Тој беше прашан и за гласините дека Бернардо Силва би можел да го напушти клубот пред крајот на преодниот рок. „Би сакал Бернардо да продолжи тука, тој е посебен играч во тимот. Но, што и да се случи, ќе се случи. Ќе биде совршено ако остане, но ако замине, тоа ќе биде затоа што одлучил така“, објасни Гвардиола.

Објасни дека тимот допрва треба да најде втор лев бек по заминувањето на Олександр Зинченко, кој му се приклучи на Арсенал, па расположливите играчи ќе мора да ја покриваат таа позиција до крајот на преодниот рок.

„На таа позиција може да игра Жоао Кансело, Нејтан Аке исто така. Ќе видиме што ќе се случи, има уште време до крајот на месецот“, заклучи Гвардиола.

Слични содржини