Гвардиола незадоволен од Грилиш: „Ќе се врати во тимот кога ќе работи подобро“

од Vladimir Zorba

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека фудбалерот Џек Грилиш ќе се врати во првиот тим кога ќе ја подобри својата игра, пренесуваат англиските медиуми.

Грилиш (28) минатата сезона започна 41 натпревар и имаше значаен придонес во освојувањето на Премиер лигата, Лигата на шампионите и ФА Купот, но оваа сезона стартуваше само на 19 натпревари, од кои седум во Премиер лигата.

„Тој е истиот фудбалер, го има истиот тренер и начинот на кој играме не е променет. Се работи само за неговата игра. Различно е“, рече Гвардиола.

Грилиш, кој пристигна во Сити во 2021 година за 100 милиони фунти од Астон Вила, последен пат беше стартер во Премиер лигата на 30 декември минатата година на мечот против Шефилд Јунајтед.

„Од првиот ден кажав дека ни е потребен. Тој има посебен квалитет за нашиот тим, но тоа зависи од него. Се надевам дека ќе може да игра добро во последните три месеци”, изјави менаџерот на Манчестер Сити.

Актуелниот европски првак се наоѓа на второто место на табелата во Премиер лигата, во кое ја брани и титулата, со бод помалку од првопласираниот Ливерпул.

„Не можам да им дадам на фудбалерите три или четири натпревари за да ја подобрат нивната игра. Тие треба да ја најдат формата за да одиграат 20 или 90 минути. Не можете да дадете некому три или четири натпревари за да ја пронајде својата форма. Што е со оние 10 фудбалери кои играат? Зарем тие заслужиле да не играат? Фудбалерите треба да убедуваат на тренинзите дека заслужуваат да играат“, додаде Гвардиола.

Слични содржини