Хоџа: С. Македонија беше меѓу првите земји која сама пристапи на САД и понуди помош за Авганистанците

од Vladimir Zorba

Северна Македонија беше меѓу првите, ако не и прва земја, која сама пристапи на САД и понуди помош за овие луѓе кои се под опасност по доаѓањето на талибанскиот режим во Авганистан, изјави денеска портпаролот на Владата на РСМ, Мухамед Хоџа.

Напомена дека не постои ризик од мигрантска криза, ниту пак, како што потенцира, оваа хуманитарна операција треба да се поврзува со Прифатниот центар за странци или мигрантските кампови на северната и јужната граница од нашата држава, туку е дел од голема светска хуманитарна акција.

Трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјата, наведе Хоџа, во целост ќе бидат покриени од меѓународните организации и од САД, се до нивното заминување во САД или во трети земји како нивна крајна дестинација.

Посочи и дека станува збор за демократско, мирољубиво население, вработени, жени и деца од семејства на оние кои работеле за хуманитарните и мировните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години биле поддршка за НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на Армијата на РСМ.

Слични содржини