Храната најмногу поскапе, но инфлацијата во Германија слабее

од Stefanija Kuzmanovska

Годишната стапка на инфлација во Германија во мај падна на 6,1 отсто, објави денеска Федералниот завод за статистика Дестатис. Ова е конечниот резултат кој е во согласност со претходната проценка.

Априлската инфлација во Германија беше на ниво од 7,2 отсто, а стапката на инфлација во мај е најниска во последните 14 месеци, но сепак е значително повисока од посакуваните 2,0 отсто, што е целта на германската централна банка.

– Во мај поскапувањата на енергенсите беа значително помали од истиот месец минатата година, а најмногу пораснаа цените на храната – наведува претседателот на Федералното биро за статистика, Рут Бренд.

Цените на енергетските производи во Германија пораснаа за 2,6 отсто на годишно ниво, што е значително побавен раст во однос на априлските 6,8 отсто, а овој резултат пред се е последица на високите нивоа од минатата година.

Цените на храната во мај скокнаа за 14,9% на годишно ниво – нешто помалку од априлските 17,2%, додека цените на услугите пораснаа за 4,5%, забавувајќи се од априлските 4,7%. На месечна основа, инфлацијата во мај падна за 0,1%, првпат по пет месеци.

Слични содржини