Инфлацијата во еврозоната рекордни 10%

од Nikola Popovski

Инфлацијата во еврозоната во септември достигна нов рекорд од 10 отсто на годишно ниво од нивото од 9,1 отсто во август, објави европската служба за статистика, Евростат.

Стапката на инфлација ги надмина прогнозите на економистите кои предвидуваа дека ќе изнесува 9,7 отсто.

Податоците, исто така, покажаа дека растот на цените се прошири од цените на храната и енергијата во речиси сите сегменти на економијата на 19-члениот блок.

Цените на енергијата во септември пораснале за 40,8 отсто на годишно ниво во однос на 38,6 отсто во август, а потоа следат цените на храната, алкохолот и тутунот со раст од 11,8 отсто во однос на минатомесечното ниво од 10,6 отсто.

Базната инфлација, која ги исклучува цените на храната и енергијата, порасна за 4,8 отсто на годишно ниво од 4,3 отсто во август.

Овие показатели ќе го зголемат притисокот врз Европската централна банка за поагресивно зголемување на каматните стапки на состанокот во октомври и ќе ја зголемат веројатноста за подолга и подлабока рецесија во еврозоната.

Невработеноста во еврозоната во август достигна 6,6 отсто, што е непроменето во однос на јули. Ова значи дека пазарот на трудот остана отпорен и покрај претстојната рецесија и енергетската криза што го зафати континентот.

Слични содржини