Институт: „Русите признаа дека носат украински деца во Русија и ги даваат на посвојување“

од Stefanija Kuzmanovska

Институтот за проучување на војната, кој редовно ја анализира ситуацијата на теренот во Украина од почетокот на инвазијата, во синоќешниот извештај наведува дека извори од руската влада признале дека доведуваат украински деца во Русија и ги даваат на руски семејства за посвојување, за што Киев вчера ја обвини Москва.

Институтот посочува дека Управата за семејство и деца на рускиот регион Краснодарски крај објавила информација за програмата според која руските власти префрлиле повеќе од 1.000 деца од Мариупол во руските градови каде што децата биле посвоени од Руси и дека повеќе од 300 деца чекаат да запознаат „нови семејства“. На Русите кои посвојуваат украински деца наводно им се плаќа еднократна финансиска компензација.

Подоцна таа објава беше избришана, но на социјалните мрежи се прошири скриншот, а Институтот наведува дека успеале да најдат архивирана верзија.

Институтот во вчерашната анализа наведе дека е можно руските сили вчера да извршиле лажен напад во градот Доњецк, кој е под контрола на проруските сепаратисти, со цел да ги оправдаат нападите врз зградите на украинските државни институции за време на денешниот Ден на независноста на Украина.

На социјалните мрежи се прошири веста за наводниот напад на зградата во која работи лидерот на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР), кој тогаш не бил присутен. Руските медиуми тоа го претставија како директен напад врз властите на ДНР, а Институтот смета дека е можно тие да сакаат да создадат услови за одмазда на зградите на украинската влада.

Вчера Киев ги предупреди граѓаните дека се можни руски напади на Денот на независноста.

Слични содржини