ИНТЕРВЈУ со Јон Ајди: Луѓето треба да се поотворени да слушнат нови нешта, музиката ја правам за моите фанови

од Stefanija Kuzmanovska

Јас веќе некое време имам неколку песни кои што се готови за да се снимат и објават. За жал, поради недостаток на време или други причини не сум стигнал да ги објавам. Имајќи ги така на број, ми станува сè потешко да одберам со кои песни да продолжам понатаму за мојот нареден проект, односно мојот прв албум. Tака се сетивме со тимот дека всушност можеме да побараме мислење и од публиката. За мене ова имаше смисла затоа што на крајот музиката ја правам за моите фанови, вели во интервју за „Локално“ младиот музичар Јон Ајди пред неговиот вечерашен настап во кафулето Макка, каде со помош на публиката ќе ги одбере песните кои ќе се најдат на неговиот прв албум.

„За текстови, инспирација наоѓам од искуствата од мојот живот. Тоа може да биде нешто кое што сум го доживеал, нешто што сум слушнал, или можеби и филм кој сум го гледал. Додека музички инспирација добивам слушајќи други песни и композиции“, ни раскажа Јон.

Вели дека, како и на многумина, негов идол од македонската музичка сцена е Тоше Проески.

Денеска со почеток во 21:00 часот во кафулето Макка ќе отсвириш и отпееш 12 твои досега необјавени авторски песни во акустична верзија, а потоа публиката ќе ти помогне во изборот на песни кои ќе се најдат на твојот прв албум. Ова е прв ваков случај на нашата музичка сцена. Зошто се одлучи токму на овој начин да ги одбереш песните за твојот албум?

– Јас веќе некое време имам неколку песни кои што се готови за да се снимат и објават. За жал, поради недостаток на време или други причини не сум стигнал да ги објавам. Имајќи ги така на број, ми станува сè потешко да одберам со кои песни да продолжам понатаму за мојот нареден проект, односно мојот прв албум. Tака се сетивме со тимот дека всушност можеме да побараме мислење и од публиката. За мене ова имаше смисла затоа што на крајот музиката ја правам за моите фанови. Затоа го намалив бројот на 12 песни кои мислам дека можат да бидат во албумот, а потоа публиката може да одлучи кои песни би сакале да ги слушнат снимени.

Летово настапи на неколку фестивали во регионов и Европа, од кои позначајни се Sunny Hill Festival во Косово и Live at Heart во Шведска. Раскажи ни нешто повеќе за тие искуства. Какво беше чувството да се настапи пред поголема публика?

– Секој настап беше убав на свој начин. Во однос на перформанс, свирев сам со гитара, но некогаш и со бенд. Кога сум сам, песните сами привлекуваат повеќе внимание и стануваат главни во настапот. Со бенд, звучи поживо и помоќно, така што се добива повеќе енергија. Би рекол дека и со бројноста на публика е исто. Интересно е дека секоја публика бара различни нешта, па некои реагираат на некои песни повеќе од другите, и спротивно.

Од каде најмногу црпиш инспирација за своите песни?

– За текстови, инспирација наоѓам од искуствата од мојот живот. Тоа може да биде нешто кое што сум го доживеал, нешто што сум слушнал, или можеби и филм кој сум го гледал. Додека музички инспирација добивам слушајќи други песни и композиции. Не се мелодиите, туку идеите тоа што го слушам најмногу додека пуштам музика.

Кој музичар ти е идол од странската, а кој од домашната музичка сцена?

– Ако морам да издвојам, од странска музика би рекол Пол Мекартни. Битлси се мојот омилен бенд и со нивната музика пораснав. Кариерата што тој ја имал со Битлси, но и сам, имала преголемо влијание врз музичката сцена.
За македонска музика, мислам дека како и на многумина, Тоше Проески. Секој пат кога ја слушам неговата музика наоѓам нешто ново.

Што, според тебе, недостига на македонската музичка сцена? За што сметаш дека би требало да биде поинаку?

– Можеби отвореноста на луѓето за да слушнат нови нешта. Мислам дека сме навикнати да одиме на свирка и да очекуваме да слушаме само тоа што ние би сакале. Мислам дека околина во која артистот ја чувствува слободата, дури и да згреши, само би ѝ помогнала на уметноста.

Идни настапи и планови.

– Веднаш по настапот во Макка, оваа сабота на 1 октомври, го отварам фестивалот Андерфест во Скопје. Потоа следи снимањето на песните кои ќе ги избереме со помош на публиката, а со тимот планираме и повеќе настапи, повторно во странство.

С.К.

Слични содржини