ИНТЕРВЈУ со Кондовски: Битолчани очекуваат мојот успех во бизнис секторот да го пресликам во локалната самоуправа

од Берта Китинска

Доаѓам од светот на бизнисот и сакам успехот на тоа поле да го пресликам и во локалната самоуправа. Свесен сум дека на битолчани економијата им е многу висок приоритет, а јас знам да работам на тоа поле и знам да испорачам резултати. Граѓаните препознаваат дека го сакам мојот град, затоа и инвестирав тука и тука ги растам моите деца. Но, сакам ова да биде економски развиен град, со високи стандарди на комунална хигиена и инфраструктура, град во кој силно ќе се чувствува енергијата на спортот и духот на културата…, вели во интервјуто за „Локално“,кандидатот за градоначалник на СДСМ за Битола, Христо Кондовски.

Познатиот стопанственик и менаџер, објаснува  дека битолчани се уморни од политика и сакаат резултати.

-Очекувам фер и коректна изборна кампања. Тоа можам да го ветам. Граѓаните со кои секојдневно се сретнувам и комуницирам се уморени од политика. Сакаат резултати и ги бараат од мене како човек кој веќе се докажал во бизнис секторот, очекуваат тоа го пресликам во локалната самоуправа, смета тој.

Кондовски вели дека како битолчанец најмногу му пречи негативниот пристап кон проблемите, односно навиката прво да се каже „не“, а потоа да се бараат решенија.

-Јас размислувам како може да се направи нешто, а не зошто не може да се направи. Воедно, во равенката за локален економски развој ми пречи брзината, односно немањето на доволно брзина. Брзината на решавањето на проблемите, брзината на инвестирањето на средствата од општинскиот буџет ќе бидат еден од моите главни приоритети. Во таа равенка ефикасно финансираните средства и ефикасната администрација ќе придонесат за забрзан локално економски развој, вели кандидатот за градоначалник на Битола.

Кандидат сте за градоначалник на СДСМ за претстојните избори. Накратко, зошто битолчани би го дале гласот за вас? Што ве прави добар кандидат за оваа позиција и што ве мотивираше за овој потег? 

Она што ме мотивираше е самата потреба на битолчани еднаш да добијат ефикасен менаџер на позицијата прв човек на градот. Тоа го сметам за огромна обврска и максимално ќе се заложам да испорачам резултат кој накратко кажано би бил: Ефикасна Општина Битола. Сметам дека само со вешт менаџерски пристап сите ресурси може да се стават во функција на градот и граѓаните. Битола е општина која има средства, значи има моќ и капацитет. Но, потребна е ефикасна администрација и ефикасен менаџер за да се постигне максимум од она со што општината располага како капацитет.

Целото мое досегашно искуство на менаџер, признат не само во државата туку и меѓународно, сега сакам да го вложам во развој на заедницата во која живеам. Тука ги развив и моите бизниси, тука живее моето семејство. Моите три деца се школуваат во Битола. Затоа сум и лично заинтересиран Битола да биде поубаво место за живеење и работа.

Доаѓам од светот на бизнисот и сакам успехот на тоа поле да го пресликам и во локалната самоуправа. Свесен сум дека на битолчани економијата им е многу висок приоритет, а јас знам да работам на тоа поле и знам да испорачам резултати. Граѓаните препознаваат дека го сакам мојот град, затоа и инвестирав тука и тука ги растам моите деца. Но, сакам ова да биде економски развиен град, со високи стандарди на комунална хигиена и инфраструктура, град во кој силно ќе се чувствува енергијата на спортот и духот на културата…

На претходните локални избори во 2017, СДСМ со Петровска успеа да освои историска победа добивајќи градоначалник уште во првиот круг со освоени рекордни 31.337 гласови. Какви се вашите очекувања? 

Од овој аспект навистина очекувам голема поддршка од моите битолчани, бидејќи јас сум понуда на нивната побарувачката. Од секојдневните средби со граѓаните гледам дека тие бараат ефикасен менаџер да застане на чело на општината. Јас сум менаџер кој гарантира 100% реализација на програмата. За деталите од програмата, односно за проектите ќе можам да зборувам дури после 27-ми септември, бидејќи политичките прописи и правила не дозволуваат претходна презентација на политичките програми.

Што се однесува до исходот од изборите во 2017 година, тогаш имавме една поинаква ситуација која е добро позната за сите. Тоа беше период на излегување од режимот и затоа и бројките беа такви. Сепак не очекувам ништо помали резултати, пред се заради моите квалитети и менаџерски вештини и заради она што го нудам како концепт на економски развој на Општина Битола, проследен и поткрепен со инфраструктурен бум. Концепт во чие средиште е граѓанинот и неговата потреба и желба да живее во развиена урбана заедница со примена на високи еколошки стандарди.

Во „градот на конзулите“ ве сметаат за бизнис икона.Дали доколку ја освоите довербата, вашите амбиции ќе бидат повеќе насочени кон економскиот раст и развој на градот? 

Точно. Сметам дека клучот за успехот на една општина е локалниот економски развој. Општината ќе има инпут со своите средства и своите инвестиции директно во тој економски развој. Економскиот развој ќе се стимулира буквално од сите страни, и од јавните претпријатија и од јавната потрошувачка на општината, но и од давање на полиберални услови на стопанството, согласно ингеренциите на локалната самоуправа. Локалните инвестиции може значајно да придонесат за отворање на нови работни места, но и повисоко вреднување на трудот.

Д-р Тони Коњановски е кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ. Ваш коментар за изборот на опозицијата, очекувате ли жестока битка?

Очекувам фер и коректна изборна кампања. Тоа можам да го ветам. Граѓаните со кои секојдневно се сретнувам и комуницирам се уморени од политика. Сакаат резултати и ги бараат од мене како човек кој веќе се докажал во бизнис секторот, очекуваат тоа го пресликам во локалната самоуправа. Поддршка и охрабрувачки пораки доаѓаат од сите страни. Луѓе кои ме познаваат, но и луѓе со кои никогаш не сме се сретнале ми пристапуваат и ме бодрат. Фокусиран сум на очекувањата на граѓаните, не на политичките партии, особено не на моите противкандидати.

Битола е една од градовите кои се соочуваат со голема загаденост. Од каде доаѓа овој проблем?Имате ли план како Вие на локално ниво може да делувате? 

Сите ние како битолчани сме свесни дека Битола е град во кој уште многу треба да се работи на подигнување на еколошките стандарди. Краткорочните и среднорочните мерки за заштита на животната средина изминaтиов период дадоа определени резултати, но далеку сме од посакуваната цел. Општина Битола има на располагање неколку механизми преку кои може активно да се вклучи во подобрување на состојбите. Екипирање на надлежните служби, изработка на т.н. Катастар на загадувачи, доследно применување на законите при издавањето и контролата на еколошките дозволи во ингеренција на општината се само дел од алатките во рацете на општината. И јас сакам да живеам во почист град и да дишам почист воздух. Прашината и сметот се меѓу клучните проблеми на чие решавање ќе се посветам. Ќе се борам за секој изграден метар квадратен асфалт и бетон да има метар квадратен зелена површина. Застапник сум за еколошки сообраќај, на улиците да имаме повеќе електрични и хибридни возила. Во прилог на намалување на загадувањето на воздухот се и проектите за гасификација и топлификација. Одговорно тврдам дека ќе застанам рамо до рамо со битолчани во однос на решавањето на крупните еколошки проблеми и доаѓањето до ефикасни решенија.

Како битолчанец што најмногу ви пречи и би сакале веднаш да се реши штом влезете во раководството? 

Како битолчанец најмногу ми пречи негативниот пристап кон проблемите, односно навиката прво да се каже „не“, а потоа да се бараат решенија за предизвиците. Јас размислувам како може да се направи нешто, а не зошто не може да се направи. Воедно, во равенката за локален економски развој ми пречи брзината, односно немањето на доволно брзина. Брзината на решавањето на проблемите, брзината на инвестирањето на средствата од општинскиот буџет ќе бидат еден од моите главни приоритети. Во таа равенка ефикасно финансираните средства и ефикасната администрација ќе придонесат за забрзан локално економски развој.

Кои се најчестите забeлешеки на граѓаните при маалските собир? Дали имаат предлози на кои можеби би поработиел? Каква Битола сакаат битолчани? 

Битолчани сакаат урбана, модерна, економски развиена Битола. Сакаат Битола да го врати приматот на активен “играч”. Сметам дека тоа можам да го испорачам. Барањата на битолчани се подобри услови за живеење и работа. Со концептот каде човекот е примарен постулат во тој локален економски развој сметам дека ќе добиеме една вин-вин позиција која во целост ќе одговори на барањата и потребите на битолчани.

Кои се првите проекти на кои ќе им дадете предност како иден прв човек на Битола? 

Околу проектите од програмата ќе говориме со почетокот на изборната кампања. Но, сакам да нагласам дека Битола ќе доживее инфраструктурен бум. Тоа ќе донесе ефикасно зголемена јавна потрошувачка. Тоа ќе биде рапиден стимул на стопанството, што ќе го засили протокот на парични средства во Битола. Во целиот тој процес, сите свои знаења, вештини, способности и контакти ќе ги ставам во функција на локалната самоуправа со цел постигнување на максимална ефикасност преку една забрзана динамика. Само успешно менаџирање може да ги даде вистинските резултати кои битолчани ги очекуваат и заслужуваат.

Б.М.

Слични содржини