ИНТЕРВЈУ со Забрчанец: Нема веќе подредени и привилегирани медиуми, ниту нарачани вести

од Берта Китинска

Со промената на власта во 2017 година, и за медиумите, и за граѓаните се случи преврт во медиумскиот етер. Денес, за пробивот на вести и за привлекувањето на интересот на јавноста, на отворен етер подеднакво се борат и владата, и опозицијата, и бизнисите, и граѓанскиото општество. Нема веќе подредени и привилегирани медиуми, ниту нарачани вести, вели во интервју за „Локално“ националниот координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата, Марјан Забрчанец.

За лажните вести во медиумите вели дека тоа е глобален проблем и со него не се справува само македонското општество туку и целиот свет.

-Владата застана одлучно да се спротиставува на дезинформациите и постојано воспоставува партнерства во оваа глобална битка, со НАТО, со Фејсбук и Гугл, со независните сервиси за проверка на факти, со домашните институции, со медиумските организации и со медиумите, истакна тој.

За најавата на премиерот Заев дека ќе им се дозволи на општините и на јавните претпријатија да трошат пари во локалните и регионалните медиуми и дека тоа е лоша пракса од минатото, вели дека тука не станува збор за воспоставување на целосна доминација во медиумскиот простор, како во времето на Груевски, туку за неопходноста од реализација на кампањи од јавен интерес, согласно строго дефинирани критериуми и исклучиво според стандардите на интегритет, рационалност и неопходност.

– Неопходност е кога пред нас имаме процес на масовна вакцинација за што е потребна масовна јавна комуникација, за граѓаните да ги добијат сите информации поврзани со квалитетите и ефикасноста на вакцините, како и за начините на примање со цел заштита од КОВИД-19, посочува Забрчанец.

Во однос на тоа како Владата се справи со Ковид-кризата, вели дека таа не направила посилни и како општество, и како држава, но пред се како здравствен систем.

– Не се доведовме во состојба да нема слободен кревет за граѓаните на кои треба да им се спасува живот. Се надевам дека работите ќе одат само на подобро во пресрет на вакцинацијата, посочи Забрчанец.

Колку сликата во медиумите е подобрена откако сте Национален координатор за стратегиски комуникации на Владата и променети ли се нештата од „режимскиот“ период?

– Со промената на власта во 2017 година, и за медиумите, и за граѓаните се случи преврт во медиумскиот етер по повеќе основи: запре репресијата, диктирањето и контролата, а на јавната сцена доминираат слободата на мисла и на изразување, гласната критика и натпреварот на мислења, идеи и аргументи. Запре неконтролираното трошење буџетски пари со цел владино рекламирање и со скриена цел корумпирање на медиумскиот пазар. Денес, за пробивот на вести и за привлекувањето на интересот на јавноста, на отворен етер подаеднакво се борат и владата, и опозицијата, и бизнисите, и граѓанскиото општество. Нема веќе подредени и привилегирани медиуми, ниту нарачани вести.

Денес, медиумите во владата можат да најдат партнер кој е лидер по отвореност и транспарентност во регионот. Ако порано властите криеја информации од јавноста и беа оценувани како затворени власти кои водат заробена држава, денес во Северна Македонија имаме отворена Влада која самоиницијативно ги отвора податоците и ги задолжува своите функционери на задолжителна отчетност за трошењето на народните пари – така постапува Влада која води демократска и европска држава.

За жал, се уште имаме сериозни предизвици пред нас, како говорот на омраза, дезинформациите и нападите врз новинари, како и економско-социјалниот статус на медиумските работници, за што сите заедно треба да продолжиме да создаваме услови за решенија.

Еден од најголемите проблеми се чини се заканите кон новинарите и нивната работа, откако некои од нив добиваат и смртни закани. Како да се реши овој проблем и како да се натера МВР побрзо да си ја заврши работата во гонење на овие лица?

– Нема простор ниту за закани, ниту за напади врз новинари во демократско општество како што е нашето. Првиот чекор за кој секој од нас обврзан е осудата и создавањето амбиент каде ваквите случаи не се и не смеат да бидат секојдневие, амбиент во кој тие што напаѓаат новинари се непријатели на демократијата, на слободата и на граѓаните.

Мислам дека таков амбиент е веќе создаден. Се разбира, нападите не се искоренети во целост и затоа се преземаат институционални мерки како што е иницијативата за законски измени за зголемување на казните кога станува збор за напади врз новинари, како и брзиот одговор на МВР во делот на процесирање на пријавите, било за вербални напади, преку интернет или офлајн или за физички напади врз новинарите.

За жал, голем дел од случаите затајуваат низ лавиринтите на обвинителствата – правосудните органи, а не полицијата, се тие што треба „да се натераат“ побрзо и професионално да си ја вршат својата работа – нерешените случаи со напади врз новинари се уште една потврда за исправноста на акцијата за прочустување на праовудството. Во овие услови на реформа на правосудството, многу е важно секој граѓанин, секој новинар да продолжи да биде гласен и да ги пријавува до соодветните институции евентуалните загрозувања на личните или професиоанални права.

Лажните вести се секојдневие за теми кои што се важни за граѓаните и предизвикуваат сомнежи и недоверба во институциите и во носителите на функции, но освен соопштенија и осуди не гледаме голема заложба да се казнат и да се санкционираат сторителите. Можеби на социјалните мрежи тоа не е можно, но што е со оние медиуми, пред се портали, кои таргетирано шират лажни вести, имате ли план како Влада конечно да се справите со нив?

– Феноменот Фалични вести е глобален проблем и со него не се справува само македонското општество туку и целиот свет, а особено демократскиот свет кој е под постојан напад од подземни пропагандни центри чија цел е да внесуваат страв и несигурност кај населението, да ги поткопуваат демократиите и на нечесен, манипулативен начин, на штета на јавниот интерес и добробитот на граѓаните, да шират влијанија на трети страни. Овие центри на влијанија и моќ не успеваат да ја добијат поддршката од мнозинството граѓани низ демократскиот натпревар на концепти и идеи. Кога имате ситуација како нашата во Северна Македонија со 80% поддршка за нашите НАТО и ЕУ интеграции, противниците на овие наши национални стратешки позиции посегнуваат по најопасните методи, служејќи се со манипулација и загрозување на безбедноста на населението.

Затоа, Владата застана одлучно да се спротиставува на дезинформациите и постојано воспоставува партнерсва во оваа глобална битка, со НАТО, со Фејсбук и Гугл, со независните сервиси за проверка на факти, со домашните институции, со медиумските организации и со медиумите. За жал, меѓу медиумите се појавуваат и такви кои се нарекуваат медиуми, а во суштина не се ништо друго освен алатки на дезинформаторите, односно квази-портали кои не можат да се најдат на ниту еден од регистрите на медиум кои постојат во државата и не се препознаени како професионални од ниту еден релевантен чинител од медиумскиот еснаф.

Владата на дневно ниво се справува со фаличните вести, преку својот воспоставен систем за кризни комуникации, создаден со поддршка од Британската влада, систем преку кој во многу брз рок одредена сомнителна вест се проверува и доколку истата е лажна, веднаш се дефинираат начин и канали на реакција со цел да се онезвоможи натамошно ширење.

Воведовме и активна транспарентност на институциите со цел точните информации постојано да бидат на дофат и очиглед на јавноста, со што се намалува просторот за маневар на дезинформаторите.

Наоѓањето модел за казнување е најголемиот предизик со кој се соочуваат сите демократии низ целиот свет, бидејќи ризикот од овие мерки е властите намерно или ненамерно да посегнат кон цензура или кон контролирање на делови од јаниот етер.

Ние сме тие кои заедно со стотици илјади граѓани го ослободивме општеството од стегите на режимот, ние сигурно нема да бидеме тие кои ќе посегнат кон цензура, ние тоа ниту можеме, ниту сакаме, ниту знаеме, ниту имаме намера да го изведеме.

Во делот на легислативата и казнувањето, сметам дека разрешувањето на сомнежите за кривични дела поврзани со говор на омраза ќе прати сериозна порака и до дезинформаторите. Тие, креаторите и дистрибуери на лажни вести и тоа како треба да размислат што значи да се лаже населението за каква било информација поврзана со пандемијата односно со јавното здравје.

Планот на Владата за справување со дезинформациите е широк, сеопфатен и отворен, а за нови успеси неопходно е вклучување на што е можно повеќе сојузници и поддрживачи на точните факти, на јавната и отворена презентација на аргументи и на противните на лажните вести.

Центрите на моќ во државава ги претставуваат лица кои се нарекуваат себе си новинари и често се кријат зад професијата и влијаат врз општественото мислење. Како да се разделат овие луѓе од професионалните медиуми и оние кои си ја вршат работата професионално?

-Владата поддржува саморегулација во медиумскиот еснаф. Тоа е најдобриот начин кој ги штити медиумите од надворешни влијанија, при регулирање на професионалните стандарди, а во исто време ја јакне новинарската фела.

Ние веќе имаме еден добар пример на саморегулација во Северна Македонија – тоа е регистарот на веб портали кои ги исполнуваат стандардите на професионално новинарство, изработен од ЗНМ и СЕММ.

Владата го препозна и поддржа овој процес како вреден уште кога беше во фаза на идеја, а денес и го користиме како ресурс за да препознаеме и одвоиме професионални од непрофесионални медиуми, односно да одвоиме веб портал што е медиум според стандарди од веб портал што е класичен извор на манипулации и дезинформации.

Најавивте медиумско описменување од најмала возраст и воведување предмети во училиштата. Може ли тоа да ја поправи ситуацијата во однос на тоа да се препознаваат малициозните влијанија од овие поединци?

– Секако, внесувањето на медиумската писменост како содржина за изучување е предвидено да почне да се реализира уште во 2021 година и тој процес е дел од образовната реформа за која се надевам дека ќе се најдат начини да се реализира со цел децата и младите да добијат најдобро што може од училиштето.

Медиумската писменост е влог во сегашните и идните генерации, тоа е инвестиција на среден рок во јакнење на природниот отпор за секој поединец самостојно да може да препознава, разоткрива и разобличува различни обиди за манипулација.

Новинарските здруженија се противат на идејата на премиерот Заев да им се дозволи на општините и на јавните претпријатија да трошат пари во локалните и регионалните медиуми. „Таа пракса на која се противевме беше оценета како лош пример за државен поткуп на медиумите и придонесе за влошување на состојбата во медиумите и зголемување на пристрасноста во нивното известување“, стои во реакцијата на ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ. Останувате ли на оваа заложба? Имавте изборно ветување дека нема да се трошат јавни пари во приватни медиуми…

– Владата останува на својата политика за забрана за владино рекламирање. Тоа е лошиот пример од минатото на Груевски кога десетици милиони евра се трошеа за тогашната Влада да воспоставува целосна доминација во медиумскиот простор и станувајќи наголемиот огласувач, да успее да се наметне како политички орган кој го диктира и контролира јавното мислење. Ставивме крај на тоа зло и ќе направиме се никогаш да не се повтори.

А, денес, зборуваме за нешто сосема поразлично, за неопходноста од реализација на кампањи од јавен интерес, согласно строго дефинирани критериуми и исклучиво според стандардите на интегритет, рационалност и неопходност. Неопходност е кога пред нас имаме процес на масовна вакцинација за што е потребна масовна јавна комуникација, за граѓаните да ги добијат сите информации поврзани со квалитетите и ефикасноста на вакцините, како и за начините на примање со цел заштита од КОВИД-19.

Или пак потребата од темелно и повеќекратно споделување јавни информации до граѓаните на локално ниво со цел да дознаат за можностите за замена на старите печки за греење кои ја загадуваат околината со бесплатни еко-инвертори кои работат на електрична енергија и не загадуваат. Тука никако не може да стане збор за трошење буџетски пари за да се рекламира владата ниту пак за промоција на некакви локални јавни претпријатија. Не, овде зборуваме за исклучителен јавен интерес, за општествени иницијативи за заштита на јавното здравје и за заштита на животната средина, појави од кои зависат здравјето и животите на сите нас.

Спорот со Бугарија го окупира македонскиот медиумски простор во последниве месеци откако нашиот сосед не ја одобри преговарачката рамка за почеток на преговорите. Премиерот пред неколку недели во интервју за БГНЕС се обиде да ја „спушти топката“ но неговите ставови направија „бура“ кај нас, но и во регионот, пред се поради изјавата дека Југославија не делела од Бугарија. Потоа беа упатени неколку „отровни стрели“ од него кон источниот сосед но и кон ЕУ поради одлуката за вето. Има ли излез од навидум безизлезната ситуација, со оглед на барањата на Бугарија?

– Излезот е во отстранување на недоразбирањата. Ние постојано сме посветени токму на таа цел, најпрво да разбереме на што точно забележува бугарската страна, а потоа и да бараме начини за отстранување на тие недоразбирања. И тука секако дека постојат можности за разбирачка, но само доколку тоа никако не допира до нашето неприкосновено право на самоопределување и доколку барањето решенија никако не чепка во нашите идентитетски обележја – македонскиот народ и макдонскиот јазик.

Со Грција најдовме решение во моментот кога и двете страни покажавме европско однесување и европска големина за да разбереме што мисли другиот, што му е важно на другиот и како со нашето однесување да не го повредиме другиот. Ние покажавме дека ова можеме да го износиме и со Бугарија. Очекуваме реципроцитет од нашиот сосед, исклучиво во интерес на заедничката европска иднина и во интерес на неопходноста да развиваме добри односи меѓу нашите народи и со тоа да обезбедиме реален подобар живот за секој наш граѓанин, базиран на конкретни економски придобивки, а не на емотивни националистички пориви.

Иако со почнувањето на вакцинацијата се гледа светло на крајот од тунелот со ситуацијата со коронавирусот, сепак останува прашањето како оваа Влада ја изменаџира една од најголемите кризи која земјава некогаш ја видела? Регионалните и европски медиуми постојано не ставаат во листи со најмногу починати на милион жители од Ковид-19, додека опозицијата постојано ве обвинува за фијаско во справувањето со кризата…

– Оваа криза не направи посилни и како општество, и како држава, но пред се како здравствен систем. Довербата во јавното здравство никогаш не била повисока, а во делот на статистиките не отстапуваме од европските просеци и во бројот на зболени, и во бројот на оздравени и во бројот на починати.

Покажавме високо ниво на одговорност и во ангажирањето на стручните служби, граѓаните демонстрираа солидарност и помош за сите на кои тоа им е потребно, а системот успеа да остане стабилен. Не се доведовме во состојба да нема слободен кревет за граѓаните на кои треба да им се спасува живот. Се надевам дека работите ќе одат само на подобро во пресрет на вакцинацијата.

Државата ќе продолжи со највисоко ниво на посветеност и во делот на здравствените аспекти и во делот на економските. Подготвуваме петти пакет економски мерки со кои ќе продолжи заштитата на работните места, поддршката на најзгрозените преку директна финансиска помош, вложувањето во задржување на динамиката на потрошувачка кај граѓаните и поддршката на фирмите да обезбедат стабилност и развој.

Тековната пандемија сериозно влијае на човековите права. Сите земји се принудени да донесат мерки за борба против ширењето на вирусот коишто влијаат на правата на луѓето. Треба да се гарантира соодветна рамнотежа и пропорционалност при планирањето и спроведувањето на ваквите мерки, вели Кристоф Пуарел, Директор на Директоратот за човекови права во Советот на Европа. Пронајде ли оваа Влада „рамнотежа и пропорционалност“ во мерките кои таа ги донесе во ограничувањето на луѓето и донесе ли тоа резултат?

– Мерките и рестрикциите беа и се уште се во рамки на нормалните и просечни искуства од европскиот и демократскиот свет од ова време на КОВИД-19 пандемијата. Упсеавме во најтешките периоди на водење на државата, без активен Парламент, да обезбедиме ефкасност, без притоа да се задира во кршење на човековите права.

Иако во време на вонредна состојба Владата има многу пошироки овластувања, во нашот случај истите никoгаш не беа злоупотребени и преку постојана активна транспарентност и отчетност, институциите уште повеќе се отворија и се доближија до граѓаните.

Јас сум сигурен дека владите не се трансформираат од демократски во режимски за време на пандемии. Владите се или демократски или недемократски. Во време на пандемии само доаѓаат до израз нивните постулати и карактеристики.

Премиерот во рамки на „Акција 2021 за европски стандарди“ најави ревидирање и оценување на работата на секој судија и обвинител според модел предложен од Судскиот совет и на Советот на обвинителите. Процесите се почнати, нема назад, вели тој, но кога можеме вистински да очекуваме комплетирање на овој процес и враќање на довербата во правосудните органи?

-Прочистувањето носи правда, но таа нема да биде обезбедена еднаш засекогаш. Процесот ќе трае и ќе биде на тест со секој следен нов судски случај. Сега е најважно што се обезбедува квалитетна основа и стандарди врз основа на кои чесните ќе може да се одвојат и препознаат од нечесните судии и обвинители.

Ние веќе имаме случаи на разрешени судии, како и високи функционери кои отслужуваат затворски казни за сериозни кривични дела. Очекувам до крајот на мандатот да имаме еден заокружен циклус.

Како ја гледате С.Македонија по завршувањето на мандатот во 2024 година?

-Уште подемократска, влезена во интензивни преговори за членство со ЕУ, со големи активни домашни и странски инвестиции, гасифицирана, со се повеќе фотоволтаици и ветерници насекаде низ државата, и натаму пример за мирни интраетнички односи, и натаму пример за добрососедски односи – балканска ѕвезда која е инспирација за демократскиот свет.

В.З.

Слични содржини