Иран го нападна Пакистан со проектили: „Загинаа две деца, следуваат сериозни последици“

од Stefanija Kuzmanovska
311 прегледи

Иран изврши ракетен напад врз Пакистан, чија цел била сунитска милитантна група на југот на земјата, што е најнов показател за бранот на насилство кој се шири на Блискиот Исток.

Пакистан соопшти дека Иран го нарушил воздушниот простор на земјата и убил две деца, неколку часа откако иранските државни медиуми објавија дека две бази на милитантната група Џаиш ал Адл во Пакистан биле цел на ракетен напад.

Портпаролот на пакистанското министерство за надворешни работи во соопштение наведе дека инцидентот може да има „сериозни последици“ и дека е „целосно неприфатлив“, пренесува „Ројтерс“.

Иран тврди дека членовите на групата Џаиш ал Адл претходно извршиле напади врз иранските безбедносни сили во пограничната област со Пакистан.

„Овие бази беа погодени и уништени со проектили и дронови“, соопштија иранските државни медиуми, без да наведат детали.

Иранскиот Nurnews, поврзан со безбедносните структури, објави дека биле нападнати базите во пакистанската провинција Балучистан, додека Исламабад не ја спомена локацијата.

Пакистан поднесе протест до Техеран во врска со инцидентот, а шефот на иранската дипломатска мисија во Исламабад беше повикан во министерството за надворешни работи, пренесува „Ројтерс“.

Иранската револуционерна гарда во понеделникот објави дека нападнала „шпионски центри и собирни места на антиирански терористички групи“ во Ербил, Ирак.

Претходно денеска Иран објави дека лансирал балистички ракети врз цели во Ирак и Сирија за да го брани својот суверенитет и безбедност, како и да се спротивстави на тероризмот.

Портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Насер Канани рече дека Техеран го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на другите земји, но во исто време го користи своето „легитимно и законско право да ги одврати заканите за националната безбедност“.

Малку подоцна Ирак го отповика својот амбасадор од Техеран поради нападот од Иран.

Слични содржини