Ирена Цветковиќ за Телеграм групата ЈАВНА СОБА: Институциите да ги најдат причините за ова однесување

од Stefanija Kuzmanovska

И покрај тоа што МВР изреагира брзо започнувајќи постапка за расветлување на лицата кои стојат зад Телеграм групата ЈАВНА СОБА во која се споделуваат експлицитни фотографии и видеа од девојчиња, морам да донесам лоша вест- иако ова е за поздрав, сепак не е ни приближно доволно.

Имајќи искуство во работа со средни школи најмногу во Скопје, само јас знам за миниму 10 вакви групи кои се активни и низ кои течат вакви материјали. И сите да ги затворат за два месеца децата пак ќе најдат свои канали на кои ќе продолжат со својата „забава“. Можеби на многумина им е чудно што некои луѓе на ФБ ги обвинуваат девојчињата кои се жртви на една од најбруталните форми на насилство (да, тоа е форма на насилство која има ужасни последици врз животот и здравјето на девојчињата), ама влезете во кое било средно или основно и отворете ја оваа тема меѓу младите и дури тогаш ќе ве удри шок. Над 90 отсто од младите за овие постапки ги обвинуваат девојките кои се сликале, а голем дел сметаат дека жртвите всушност не се жртви туку уживаат во „славата“. Додајте на ова дека ваквите ставови ги држат не само момчињата туку и девојчињата од кои би очекувале повеќе емпатија и солидарност.

Последен пат се сеќавам лани бев на разговор со една мајка чија ќерка беше жртва на ширење на нејзина полугола фотографија низ училишните вибер групи. Девојчето беше комплетно срозано, без желба за живот и во комплетна параноја не верувајќи дека кој и да е сака да ѝ помогне туку дека сака да ја излаже и повреди повторно. Поминав доста време со мајката, но таа сепак реши дека за нив подобро е да се иселат од државата отколку да се проба да се најде решение, но и правда низ институционален пат.

Правда мора да има, ама останатите институции имаат обврска да ги најдат причините на ова однесување, да ги менуваат и пред сѐ да ги заштитат сите вакви жртви. Тука пред сѐ мислам на Министерството за образование. Кога бараме политики за родово базирано насилство во училишта, кога бараме добри и функционални законски решенија, кога инсистираме на сеопфатно сексуално образование ние всушно зборуваме за превенција и заштита токму од вакви форми на насилство и вознемирување, а не дека увезуваме западни помодарски енџиоу глупсоти затоа што некој таму нѐ плаќа.

Можете да поставите илјада камери во школите, можете да донесете најдобро обезбедување, сѐ е тоа бадијала. Зборете со децата, еманципирајте ги, учете ги за нивната сексуалност, нивните права и обврски, учете ги на емпатија и солидарност и дозволете да ви помогнат оние кои имаат знаења и експертиза во таа област, објави на својот профил на Фејсбук извршната директорка на Коалиција Маргини, Ирена Цветковиќ.

Слични содржини