Лекарите од дијаспората според министерот за здравство Азир Алиу, ќе му помогнат на македонското здравство преку телемедицина. Во денешното соопштение од Министерството за здрасвтсвтво стои дека еден од клучните столбови за подобрување на здравствениот систем и справување со недостигот на лекари во земјата ќе биде телемедицината.
Според Алиу предизвикот со заминувањето на здравствените професионалци од земјата ќе се решава преку вклучување на лекарите од дијаспората преку технологијата.
– Денес имаме голем број лекари во дијаспората кои се многу добри специјалисти, работат на високо ниво и се почитувани во земјите каде што работат. Ние не сакаме овој човечки капацитет да остане неискористен, стои во пишаната изјава на министерот.
Тој објаснува дека преку телемедицината ќе се овозможи овие професионалци да придонесуваат директно или од далечина, и информира дека имал директна комуникација со претставници на академските институции. Според него многумина од нив изразиле подготвеност да придонесат, дури и без финансиски надомест.
– Проектот веќе влезе во почетната фаза на имплементација. Телемедицината е пилотирана во два града, во Дебар и во Делчево, каде што здравствените услуги се обезбедуваат од далечина од главниот град, Скопје, соопшти Министерството за здравство.
По завршување на пилот проектот, според Алиу, ќе продолжат со втората фаза, која ќе се фокусира на стандардизација на процедурите за телемедицина, со цел системот да се прошири и да ги вклучи и лекарите кои работат надвор од земјата.
Третата фаза ќе вклучува развој на дигитални системи за напредни анализи, особено во областа на радиологијата.
-Преку овие системи, лекарите специјалисти од дијаспората ќе можат да даваат професионални мислења за случаите што се третираат во здравствените институции во земјата.Ттелемедицината не само што ќе помогне во подобрување на пристапот до здравствени услуги, туку ќе создаде и одржлива соработка со професионалците од дијаспората, соопшти министерството за здравство.