Тесно насочените специјализации во секундарното здравство, односно специјалистите во општите болници и здравствените домови, создадоа проблеми во функционирање на овие здравствени установи, затоа Лекарската комора побара од Министерството за здравство да направи промени во наставните програми за специјализциите за интерна медицина и општа хирургија, вели за „Локално“ д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на ЛКМ.
Таа објаснува дека новите наставни програми според најавите на Министерството за здравство ќе почнат да се применуваат од септември оваа година, од кога општите болници, согласно нивните потреби и систематизации ќе може да ги испратат младите доктори да специјализираат на овие програми.
-Во органите и телата на Лекарска комора подолг период се споделуваше мислење дека тоа што докторите завршуваат тесно насочени специјализации како што се по гастроентерохепатологија, нефрологија, абдоменална хирургија и слично, создава проблеми во секундарното здравствено ниво, бидејќи таму е потребен доктор кој ќе има специјазација како што е интерна или општа хирургија и ќе може да пружи поширок спектар на здравствени услуги од одредена област, а пациентите кои имаат покомплицирани состојби ќе ги проследи на терцијарно ниво, изјави д-р Гривчева Старделова.
Лекарската комора, како што објаснува претседателката, за да се разгледа и меѓународното искуство како најдобро да се изведауваат специјализациите лани во јуни организирале и панел дискусија на која своите искуства споделиле и лекарските комори од регионот и од европските развиени земји.

Фото: Лекарска комора
-Од презентираните информации и дискусијата се идентификуваше потреба системот за специјализации во нашата земја да биде реформиран за да продуцираат здравствен кадар кој ќе овозможи оптимално функционирање на здравствените установи и ќе обезбеди квалитетна здравствена заштита на населението, изјави д-р Гривчева Старделова.
Таа објаснува дека по ова Комората до Министерството за здравство испратила официјална иницијатива за измени.
-Беа формирани соодветни тела заедно со медицинските факултети, кои на крај ги подготвија новите програми, што беа презентирани минатата недела. Со нив очекуваме да се продуцира високо стручен медицински кадар согласно потребите на пациентите. Комората се заблагодарува на сите кои беа вклучени во процесот и останува отворена за понатамошна соработка се во насока на унапредување на образованието на идните доктори, изјави д-р Гривчева Старделова.
Со измените на програмите овие две специјализации се кратат од шест на пет години. Во интерната медицина се воведува засилена практична обука, со акцент на ургентна медицина и интензивна нега, како и задолжителна обука за POCUS (point-of-care ултразвук), како стандардна вештина. Со новите програми како што претходно изјавија од Министерството за здравство се дефинираат минимални практични интервенции и се зголемува автономијата на специјалистите, за да се создаде кадар способен самостојно да управува со комплексни и итни состојби на секундарно ниво.
Е.Б.