Исповед на грчки пациент: Го заразив татко ми кој почина од вирусот, во живот не сум видел нешто толку подмолно

од Aleksandar Petrovski

Христос Харбилас ја расплака Грција со својата исповед во која раскажа како едвај се спасил од коронавирусот, но исто така ненамерно го заразил и неговиот татко кој починал.

– Бев на респиратор 14 дена, потоа 10 дена во изолација, а другите 18 дена дома. Севкупно, доживеав кошмар цели 40 дена. Луѓето на почетокот ме гледаа чудно и тоа е нешто што е нормално. Тие се плашеа, не само од мене, туку и од членовите на моето семејство. За жал, татко ми се разболе и не преживеа. Тој беше хроничен пациент и го доби вирусот од мене – вели 45-годишниот Христос од Патрас.

Како што вели, тој не сакал да излезе, сè додека не бил целосно сигурен дека е негативен.

– Го замолив докторот да ги направи сите тестови сè додека не бев конечно целосно сигурен дека сум негативен. Никогаш не сакав да загрозам некој друг, особено членовите на моето семејство. Лекарите ме спасија, ме третираа како да сум нивно дете. Навистина малку фалеше и јас да умрам – вели тој.
Тој и самиот работи во болницата каде што се лекувал како чувар и признава дека не се придржувале доволно на мерките за заштита.

Неговата шокантна исповед доаѓа во време кога Грција исто така бележи поголем број нови случаи на коронавирусот.

– Се плашам кога слушнам дека бројките повторно се зголемуваат. Овој вирус е подмолен, дури не знаете како ќе реагирате на него. Никогаш не сум бил болен во животот. Одеднаш бев погоден од вирусот. Првиот лекар дури и не го откри. Вториот ме спаси. Да дојдев само неколку часа подоцна, немаше да бидам жив. За жал, го инфицирав татко ми и тој не успеа да се спаси – заклучи Харбилас, посочувајќи ги тешките последици што може да ги има вирусот корона ако се шири во семејно опкружување.

Слични содржини