Италија вети дополнителни 35 милиони евра помош за Палестинците

од Vladimir Zorba

Италија ќе продолжи да ја финансира Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (UNRWA) како дел од пакетот помош во вкупна вредност од 35 милиони евра, изјави денеска италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани за време на средбата во Рим со палестинскиот премиер Мохамед Мустафа.

Тајани прецизираше дека пет милиони евра ќе бидат наменети за проекти на UNRWA, додека останатите 30 милиони евра ќе бидат наменети за иницијативата „Храна за Газа“ што тој ја покрена, пренесе Ројтерс.

„Италија одлучи да продолжи да финансира одредени проекти наменети за давање помош на палестинските бегалци, но само по ригорозна проверка дали средствата нема да се користат за поддршка на тероризмот“, рече Тајани.

Италија беше една од бројните земји што ја блокираа помошта на UNRWA по израелските обвинувања дека десетина вработени во агенцијата биле вклучени во нападот на Хамас на 7 октомври во јужен Израел.

UNRWA вработува 13.000 луѓе во Појасот Газа и управува со училиштата, примарните здравствени клиники, социјалните служби, како и со дистрибуцијата на хуманитарна помош во палестинската енклава.

Неколку земји продолжија да ја финансираат UNRWA во последните недели.

Иницијативата „Храна за Газа“ ги вклучува Организацијата на ОН за храна и земјоделство (FAO), Светската програма за храна (WFP), како и Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

Слични содржини