Изборна комисија: Нов претседател на Иран е Ебрахим Раиси

од Nikola Popovski

Ебрахим Раиси победи на претседателските избори во Иран, откако ја доби довербата од 17,8 милиони гласачи, од 28,6 милиони Иранци кои излегоа на гласање во петокот, објави изборната комисија.

Во обраќањето емитувано на државната телевизија денес, шефот на изборната комисија, Џамал Орф, објави дека на гласање излегле околу 28,6 милиони Иранци, од 59 милиони кои имаат право на глас, а 17,8 милиони гласале за Раиси.

Конечните резултати ќе бидат објавени во текот на денот, пренесува ТАС С.

Кандидатот за претседател Абдолсанер Хемати му ја честиташе победата на својот ривал Раиси во изборите во време кога пребројувањето на гласовите сè уште траеше.

„Се надевам дека вашата влада под раководство на врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи ќе донесе олеснување и просперитет на нашата нација“, рече Абдолсанер Хемати, поранешен гувернер на централната банка и еден од тројцата противници на Раиси, објави Ројтерс, повикувајќи се на извештај на државните медиуми.

Во телевизиско обраќање, претходниот претседател на Иран, Хасан Рохани, кој немаше право да се кандидира за нов мандат, бидејќи беше на таа позиција двапати по ред, им честиташе на народот за избраниот претседател, но не го именуваше.

Раиси, шефот на иранското правосудство, имаше отворена поддршка од врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи и од конзервативните кругови и тој се сметаше за најголем фаворит.

Слични содржини