Израел ги отфрли повиците за прекин на огнот

од Stefanija Kuzmanovska

Израел и САД ги отфрлија повиците за итен прекин на огнот во Газа на седницата на Советот за безбедност на ОН во петокот, објави Би-Би-Си.

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, категорично ги отфрли повиците за прекин на огнот.

Тој пред Советот за безбедност на ОН рече дека „прекинот на огнот само ја зајакнува контролата на Хамас врз Газа“ и испраќа порака дека „на Хамас му е простено за намерно извршените злосторства“.

Тој исто така рече дека „угнетувањето на населението во Газа од страна на Хамас“ добило „зелено светло на меѓународната заедница“.

Ердан додаде дека „без воен притисок врз Хамас, ниту една дипломатија не може да гарантира ослободување на заложниците“.

Американскиот претставник Роберт Вуд на седницата рече дека САД не поддржуваат итен прекин на огнот.

„Иако САД силно поддржуваат траен мир, во кој и Израелците и Палестинците можат да живеат во мир и безбедност, ние не ги поддржуваме повиците за итен прекин на огнот. Тоа само ќе го посее семето на следната војна бидејќи Хамас не сака траен мир“, рече Вуд пред Советот за безбедност на ОН.

САД се една од постојаните членки кои имаат право на вето на резолуцијата.

Советот за безбедност на ОН подоцна во петок ќе гласа за резолуцијата претставена од Обединетите Арапски Емирати, која повикува на „итен хуманитарен прекин на огнот во Газа“.

Слични содржини