Израел за прв пат ја обвини Русија за воени злосторства

од Nikola Popovski

Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид денеска за првпат ја обвини Русија за воени злосторства, со што ја прекина политиката насочена кон избегнување на директни обвинувања против таа земја.

„Голема и моќна држава неоправдано нападна помал сосед. Земјата уште еднаш е натопена во крвта на невините цивили“, рече Лапид за време на посетата на Кипар, каде што се состана со кипарските и грчките колеги, се вели во соопштението на портпаролот на Лапид.

Портпаролот истакна дека тоа е заедничка изјава со Грција и Кипар, иако израелските медиуми наведуваат дека не е јасно дали Атина и Никозија ја поддржуваат.

„Сцените и сведоштвата од Украина се ужасни. Руските сили извршија воени злосторства врз беспомошни цивили. Силно ги осудувам овие воени злосторства“, рече шефот на израелската дипломатија и повика на меѓународна коалиција која ја поддржува Украина, од која Израел се држеше на одредена дистанца.

Тој рече дека војната во Украина нуди можности за нови енергетски партнерства.

Израел, Грција и Кипар работат на заеднички проект за транспорт на гас од источниот Медитеран во Европа, но проектот беше одложен во последните месеци бидејќи односите меѓу еврејската држава и Турција се подобрија.

„Војната во Украина може да ја промени структурата на европскиот и блискоисточниот пазар на гас. Има ризици, но и можности кои мора заедно да ги испитаме“, рече израелскиот министер.

Слични содржини