Јакимовски: Нема немо да ги набљудувам девијациите во општеството, ниту пак сервилно ќе се однесувам кон понижувачките одлуки што ги носи дел од меѓународната заедница кон Македонија

од Nikola Popovski

Претпоставувам дека се изненадени членовите на големите политички партии, зошто мислат дека таа привилегија само нив им припаѓа. За жал така ја имаат сфатено претседателската функција наместо симболот на државноста да биде со дигнитет и респектиран од сите политички фактори во државата, тие во континуитет и оваа функција на партизираат и ја прават продолжена рака на владејачките партии, вели во разговор за „Локално“, лидерот на ГРОМ и градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски околу неговата кандидатура за претседателската трка.

Тврди дека кандидатурата не е резултат на негова лична желба или амбиција, „туку плод на повеќемесечно иницирање и предлагање на граѓани од разни политички партии, како и неопределени дека оваа функција треба да ја извршува човек како мене“.

-Човек со резултати, кој знае како функционира државата, со доволно искуство, да не води низ внатрешната и надворешната политичка сцена, но доволно одлучен и храбар да се спротивстави на се она што не е интерес на граѓаните на Република Македонија, истакнува Јакимовски за поддршката.

Во однос на тоа како ја оценува конкуренцијата и дали има шанси за победа, претседателот на ГРОМ порачува дека не е важна неговата оценка, туку на граѓаните.

-А ако не мислам дека имам подобри животни работни и интелектуални карактеристики повеќе од другите секако дека не би претендирал на највисоката државна функција. Од друга страна јас сум имал значајна улога во раководење во приватниот сектор, на локална самоуправа и како министер во владата на Република Македонија, објаснува првиот човек на општина Карпош.

Смета дека во моментов нема никаква причина за етнички тензии, токму пред избори.

-Критиките упатени кон поединци и партии за тоа како ја практикуваат власта се сосема оправдани и тие ниту имаат, ниту би требало да имаат етнички предзнак, потенцира Јакимовски.

На прашањето што доколку изборот се сведе на кандидатите Арбен Таравари и Бујар Османи и дали и за кого би гласал во тој случај, Јакимовски истакнува истото може да се праша секој Албанец, Ром, Турчин, Србин итн… дали би гласал за друга етничка заедница.

-Одлучувачки мора да бидат квалитетите искуството и резултатите на секоја индивидуа, а националната припадност, верската и политичката определба не би требало да биде одлучувачка, објаснува Јакимовски.

Нема немо да ги набљудувам девијациите во општеството, додава тој, запрашан што ќе направи поразлично од сегашниот претседател, доколку утре дојде на функцијата.

-Ниту пак сервилно ќе се однесувам кон понижувачките одлуки што ги носи дел од меѓународната заедница кон Македонија и нејзините граѓани, заклучува Јакимовски.

Претседателот на ГРОМ во петокот објави дека ги собрал потребните 10 илјади потписи за кандидатурата. Порача дека „кога не сум фаворит обично сум најсилен, а првата цел е влез во вториот круг“.

Во неделата беше обвинет од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека ќе има „естрадна улога“ во првиот круг и дека „неговата цел е да го ослабне потенцијалот на Силјановска – Давкова“, на што Јакимовски одговори никогаш не бил марионетка и моментите кога ВМРО и СДСМ биле најјаки, се спротиставил на погрешните политики и ги победил за да промовира автентична сопствена политика.

-Јас не сум ад хок политичар и не прифаќам споредни улоги туку главни улоги. Во секоја изборна кампања јас имам сопствена идеа и своја програма и со неа победувам, потоа кон истите се приклучуваат останатите политички субјекти зошто секогаш сум бил иновативен, оргинален, рационален и доболно храбар да го спроведам тоа што сум го намислил, одговори меѓу другото, Јакимовски.

Уште неколку дена остануваат за собирање потписи за претседателски кандидатури. Досега седуммина обезбедија учество во трката покрај Јакимовски, како што се Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, Бујар Османи, Арбен Таравари, Максим Димитриевски и Билјана Ванковска.

Сите други пријавени кандидати за шеф на државата се далеку од потребниот број од 10 илјади потписи од граѓани, а интересно е што на листата на ДИК, за оние кои собираат потписи се појави уште едно име, на извесен Гоце Ристов. Изборната кампања почнува на 4-ти април, но, дел од кандидатите веќе имаат интензивни активности на терен.

Во меѓувреме, ДИК побара да се направат промени во Изборниот законик за да може да се гласа и со стари важечки документи.

Н.П.

Слични содржини