Јакуповиќ обвинува, Ибрахим демантира: „Директорката на Турскиот театар на функција поставена со фиктивни документи со помош на пратеникот од ПДТ“

од Nikola Popovski

Новата директорка на националната установа Турски театар во Скопје, Ајлин Емин Скоро дојде на чело на функцијата преку потпишани фиктивни документи дека имала 5 годишно-искуство во областа на културата, обвинува актерот Един Јакуповиќ, кој истовремено со Скоро поднел документи на конкурсот од Министерството за култура. Тој во разговор за „Локално“ се сомнева дека новата директорка го нема потребното искуство за да биде избрана.

Јакуповиќ, кој е дел од Турскиот театар од 2004 година, е огорчен од ваквиот факт и објаснува дека директорката Скоро била примена после третиот конкурс, откако претходните два биле поништени поради неисполнување услови.

-Конкурс отворен во март, поништен од Министерство за култура поради неисполнување на услови. После десет дена се отвора втор конкурс, но исто така поради неисполнување на услови од двете страни, се поништува. Јас намерно поднесов, не поради тоа што имав амбиции, туку затоа што знаев дека таа страна организира сериозен криминал и за да можам да се спротивставам на тој криминал, затоа морав да поднесам документи. Најапсурдно е што мојот прв официјален влез во театарот е од 2004 година до денес, а мене министерката ми кажува дека не може да го најде моето работно искуство во театар. Третпат го отвораат конкурсот и истата личност што не исполнува услови претходно, сега се избира. Јас имам сериозни информации зошто не ги исполнува, раскажува Јакуповиќ.

Актерот смета дека пратеникот во Собранието и претседателот на Партијата за движење на Турците, Енес Ибрахим „ѝ потпишува на Скоро фиктивни договори дека имала 5 години работно искуство во областа на културата“.

-Впрочем, директорката е и потпретседател на истата партија. Тие како што ги носат документите во министерството, јас си поднесов барање за пристап до информации до јавен карактер и ми јавија дека ќе ми ги предадат да ги видиме сите официјални во рок од две недели, за да поднесеме тужба и до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, затоа што сметаме дека ова е организиран криминал- се тргува со факти за да некој стане директор. Апсурдноста за да биде уште поголема оди до таму што актуелната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, иако е потпишана и претходно известена, место за да увиди уште анализи и барања да ја види веродостојноста на ова, таа ѝ потпишува решение, по мое мислење само затоа што францускиот предлог требаше да помине во Собрание, а еден од тоа е и пратеникот кој е мозок на цела операција и е потписник на еден фалсификуван документ, кој што по закон мора да го има во Министерство за култура, бидејќи е јавен конкурс и тие документи се чуваат 10 години, вели Јакуповиќ.

Тој потенцира дека иако во јавноста пишува дека новата директорка на театарот доаѓа од фелата на музиката, Скоро „има работно искуство единствено како преведувач на МИТ-универзитетот во годините кога има многу студенти од Репубика Турција“.

-Ова е скандал. Јавно прашувам дали е вистина дека на првиот конкурс за избор на директор кандидатот Ајлин Емин Скоро доставила околу 3 години работно искуство од Агенција за унапредување на заедниците и околу 2 или 3 години таботен стаж во невладина организација „УФУК“. Конкурсот е поништен. На вториот конкурс дали е вистина дека тие на 2,3 години стаж лице претседател на политичка партија и потпишува уште минимум 2 години работен стаж во „УФУК“ А СО ТОА СЕ ВРШИ ГРУБА МАНИПУЛАЦИЈА НА ЗАКОНИТЕ БИДЕЈКИ ОДГОВОРНО ТВРДАМ ДЕКА Ајлин никогаш не работела во тоа здружение. Барам да покаже трансакциска сметка, исплата на надоместоци, фактографија, завршни сметки. На третиот конкурс дали е вистина дека Ајлин поднела авторски или договор за дело дека била вработена во Турција како заменик-драматург. Жената што двапати не ја избираат, третиот пат носи документи дека била заменик-драматург, професија што не постои. Сакам да ја прашам дали е спремна да излезе на дебата со факти и програми и дали е спремна да го даде пасошот на увид дека навистина била во Турција. Лично ја знам личноста и знам дека нема ниту 20 дена поминати во Турција, уште помалку во областа на култура и театар, дециден е Јакуповиќ.

Един Јакуповиќ

Актерот прашува:

-Зошто како претседател на Управниот одбор го подели театарот на партиски и непартиски т.е. душмани на театарот. Дали не се срами доајени на театарот и звучни имиња спротивно на Закон за култура и статутот на театарот со повеќе од 8,9 години, да се во 4. група на актери за вреднување на плата. Зиба Радончиќ работно искуство на 25год стаж (високо образование) во 4. група. Фунда Ибрахим – 4. група со 15 години стаж. Филиз Ахмет (популарната глумица од Величенствениот ) во 4. група исто така актерка со 15 години работен стаж. Во истата група и Наџие Кеч со 35 години стаж. Аксел Мехет 15 години стаж. По закон актер во 4. група смее да биде само од 1 -5 години работен стаж, потоа мора да се трансферира. За ваквото непостапување наместо казнивост, таа е наградена во директор, објаснува Јакуповиќ и додава:

-Сакам да нагласам за сите нерегуларности беше информирана и министерката преку официјален е-мејл. Доколку ОЈО докаже постапување спротивно на законите односно немање на стаж од страна на Ајлин Емин Скоро барам министерката за култура да поднесе морална оставка, појаснува актерот и објаснува за уште една ситуација што се случила во текот на вчерашниот ден.

-Во моментов тече изградба на новиот објект на Турскиот театар кај старото балетско училиште. Денеска директорката на прв состанок, го зема целиот ансамбл, во кој сум и јас како актер и не однесе на објектот, каде што е забранет пристап за невработени лица. Кога прашав луѓе кои се занимаваат со закон за градба, на градежен простор каде што немаше насоки, бевме таму без заштитни шлемови и опрема, просторот не беше доволно обезбеден, имаше 40 малолетни деца, се направи панаѓур. Значи тоа само по себе е кривично дело. На градилиште да однесеш 50 луѓе и да не водиш никаква заштита. Да побараш од надзорот да ти се отвори врата, надзорот да ти даде на писмено дека е забрането да се присуствува освен директорот под посебни протоколи, заради заштита и безбедност додека се движиш таму. Ние денеска на нејзино инсистирање бевме ставени на гилотина дека нешто може да се сруши, за среќа не се сруши, но тоа не ја менува фактичката состојба дека тоа е грозно што го направи. Да тераш актери и вработени лица да одат на градилиште без протоколи и заштитна опрема, ни опиша Јакуповиќ, прикажувајќи фотографии и видеа од посетата на објектот.

На тврдењата на актерот, реагираше и пратеникот Ибрахим. Тој во изјава за „Локално“, вели дека „Јакуповиќ ниту во рамките на театарот, ниту пак надвор од театарскиот свет нема никаква репутација за биде некаков си фактор“.

-Особено поради фактот што дотичниот со години добива плата од таа институција, а нема никаков придонес во работата на НУ Турски Театар. Јас сум пратеник и немам никаква корелација со процесот за избор на директор на НУ Турски Театар. За таа постапка има одговорен ресор и верувам дека целиот процес е спроведен на најтранспарентен начин. А исто така крајно дегутантно е да се злоупотреби НУ Турски Театар за лични хирови и политички калкулации. Бидејќи станува збор за повеќедецениска капитална културна установа која е клучна за целата турска заедница во РСМ. А покрај тоа, сметам дека актуелната директорка е успешна особа која има свој интегритет и квалитет и ваквите подли напади нема да успеат да ја загрозат нејзината енергија и визија за развој на НУ Турски Театар, објасни Ибрахим.

Став по ова прашање побаравме и од Министерството за култура. Од таму информираа дека секој заинтересиран има законско право, доколку тој смета дека постои одредена неравилност при спроведување на постапката, истата да ја пријави пред надлежен државен орган.

-Министерството за култура е отворено и транспарентно за увид во кој било дел од постапката за секој што е засегнат за овој предмет, велат од Министерството.

Одговори побаравме и од директорката на Турскиот театар, но до моментот на објавување на текстот, не одговори на нашите повици и пораки.

Н.П.

Слични содржини