Јермак: Украина и нејзините партнери би можеле да ја поканат Русија на следниот мировен самит

од Stefanija Kuzmanovska

Украина и нејзините странски партнери би можеле да ја поканат Русија на следниот мировен самит на кој ќе се разговара за завршување на двегодишната војна според условите на Киев, изјави денеска шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак.

Тој објасни дека Швајцарија ќе биде домаќин на самитот на кој ќе се разговара за „визијата за мир на претседателот на Украина, Володимир Зеленски“, која би можела да ѝ биде предадена на Русија подоцна, на друга средба.

„Може да дојде до ситуација заедно да ги поканиме претставниците на Руската Федерација, каде што ќе им биде претставен план во случај кој и да ја претставува земјата на агресорот во тој момент да сака вистински да ја заврши оваа војна и да се врати на праведен мир“, навел тој на конференцијата одржана во Киев.

Зеленски првпат ја објави својата формула за мир на самитот на Г20 во ноември 2022 година.

Формулата за мир на Зеленски бара обновување на територијалниот интегритет на Украина и целосно повлекување на руските трупи.

Киев останува на ставот дека нема да разговара со Москва додека сите руски војници не ја напуштат украинската територија.

Кремљ посочи дека моментално не постои основа за мировни преговори меѓу Русија и Украина и дека мировниот план на Киев е апсурден бидејќи ја исклучува Русија.

Слични содржини