Јонуз: ВМРО-ДПМНЕ и да дојде на власт, нема да може да го смени амбиентот во кој се бараат решенија и компромиси со Бугарија

од Берта Китинска

Ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во евентуални предвремени избори, нема да може суштински да смени амбиент во кој се бараат решенија и компромиси со Бугарија, вели во разговор за „Локално“, полтичкиот аналитичар Агим Јонуз.

ВМРО-ДПМНЕ е „за“ Бугарите во Уставот, но „против“ условувањата, а за тоа дали Мицкоски почнал да попушта, аналитичарот децидно вели дека партијата има идеално поле на политичката сцена за да ја држи актуелната ситуација во погон со Бугарите за дневно политички цели.

-Никој нема против! Воопшто не е во прашање дали може и треба да бидат вметнати во Уставот, иако процентуално спаѓаат под „останати“. Арно ама, истовремено никој нема (како Бугарите) толку интензивен напор да се наметне како нешто што може да се употреби во иднината како „Тројански коњ“ за многу елементи врзани за демографската карта, а со самото тоа и со инсталирање на механизми на делување кои може да бидат на штета на стабилноста на идентитетот, интегритетот во културно-историското наследство на македонскиот народ. Бугарија никогаш нема да се повлече од прашањата врзани за историографијата со што овој проблем ќе биде „вечен“. По тоа прашање Мицкоски е потполно во право, смета тој.

Според него партијата на Мицкоски не е фактор ниту на „одлука“, ниту пак она што го нуди, како што вели тој, како решение оди во прилог на прогресивните текови „во патот кон Европаската заедница“.

-Лично сметам дека партијата и да дојде на власт во евентуални предвремени избори, нема да може суштински да смени амбиент во кој се бараат решенија и компромиси. Партијата на Мицкоски никој не ја прашува дали нештата ќе бидат овакви или онакви. Дотолку повеќе што целиот процес е под обсервација на меѓународната заедница која нема да дозволи партијата на Мицкоски да направи никаков регрес во преговорите. Значи, не само што ќе мора да попушта, туку и ке има обврска да ја дозаврши работата со Бугарите ако дојде на власт. Тоа е неминовно. Прашањето е како ВМРО ќе го изведе сето тоа без да има тектонски пореметувања во внатрешното членство, затоа што еден добар дел внатре е „по професија Македонец“. Таквите ќе мораат да проголтаат сериозна кнедла. А, таа е веќе сервирана на маса, подвлекува тој.

Во врска со тоа дали „проевропското крило“ во партијата полека ги искажува своите ставови во однос на измените на Уставот, тој смета ВМРО внатрепартиски ќе мора да претрпи измени во многу скора иднина.

– Политиката на „тврдокорност“ е нешто што ќе ја кошта скапо партијата доколку стане сериозна пречка во евро – интегративните процеси со практикување на политика на популистички модел по секоја цена. Многумина внатре во партијата се свесни дека мора да има компромис и мора да се придржуваат кон принципите на политика која Македонија ја води кон Европа. Искрено мислам дека еден добар дел од членството на ВМРО во некоја блиска иднина ќе мора да се повлече од политичката сцена, појаснува Јонуз.

Б.М.

Слични содржини