„Катанец“ на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, газдарицата на просторот не го продолжува договорот

од Nikola Popovski

Ќе се затвори македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во бугарскиот град Благоевград, соопшти претседателот на градскиот комитет на ОМО „Илинден“ од Благоевград, Атанас Кирјаков на социјалните мрежи.

„Денеска во телефонскиот разговор помеѓу Кирил Иванов, околиски претседател за Благоевградска околија и член на Координативното тело на Македонската народна организација ОМО „Илинден“ и Атанас Мазнев, претседател на клубот „Никола Вапцаров“ и копретседателот на забранената политичка партија ОМО Илинден – Пирин, добивме информација дека по шест месеци, клубот ќе биде затворен“, објави вчера Кирјаков.

Според него, причината за затворањето на клубот е тоа што тој бил под кирија за рок од шест месеци, но сега газдарицата на приватната просторија во која бил сместен, не сака нов договор за наем со сегашните наематели на просторијата.

„Иако замислата беше Клубот да биде гнездо за сите Македонци, членови на ОМО „Илинден“, не беа допуштени во Клубот. Од раководството на Клубот сакаа мито по 150 лева (75 евра ) на месец како кирија од членовите на ОМО „ИЛИНДЕН“, иако целиот наем за Клубот беше платен од македонската дијаспора“, напиша Кирјаков.

Kлубот беше отворен на 30 октомври минатата година, во присуство на засилено полициско обезбедување, кое беше проследено со вербален инцидент, а на македонската делегација не и беше дозволено да положи цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев на градскиот плоштад.

На отворањето на клубот присуствуваа претставници од ОМО Илинден-Пирин, генералниот секретар во Кабинетот на претседателот на државата Миле Бошњаковски, како и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на Левица Димитар Апасиев и делегација од партијата Демократски сојуз.

Пред два месеци клубот беше демолиран, при што беа искршени стаклата. За среќа, во клубот во тој момент немало никој.

Клубот е основан со финансиска помош на Македонците Глигор Цанев и Минчо Остас од Торонто и Македонско меѓународно здружение за човекови права во Канада, на чие чело е Бил Николов, канадски државјанин со македонско потекло.

Слични содржини